Лицата со дијабетес секојдневно успешно се справуваат со бројни предизвици, вклучително и со активното учество во сообраќајот. Управувањето со возило бара внимание, координација и добра физичка состојба, нешто што, со правилна контрола на дијабетесот е целосно остварливо.
Сепак, одредени состојби поврзани со дијабетесот, како хипогликемија, хипергликемија или замор, може да влијаат врз способноста за безбедно управување со моторно возило. Затоа е важно да се зборува на оваа тема, но не за да се поставуваат ограничувања туку за да се понудат совети, препораки и поддршка. Во текстот што следува ќе разгледаме дали и какви правила постојат во Македонија, кои се добрите практики во Европа и како секој возач со дијабетес може да ја зачува својата и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
Во Македонија нема посебни национални правила кои директно го регулираат учеството во сообраќајот и управувањето на возила од страна на лица со дијабетес. Сепак, постојат општи здравствени критериуми и препораки што се применуваат на сите возачи, а, истите се релевантни и за лица со дијабетес.
Некои европски земји, како Велика Британија, Велс, Ирска и други имаат одредени правила за учество во сообраќајот од страна на лица со дијабетес кои се на инсулинска терапија. Ваквите правила вклучуваат:
– вредностите на гликемијата треба да бидат >5 mmol/L пред вклучување во сообраќајот
– доколку се вози на подолго растојание, гликемијата треба да се проверува на секои 2 часа
– не е дозволено возење најмалку 45 минути по хипогликемија
– секоја епизода на сериозна хипогликемија возачот е должен да ја пријави во Агенцијата за возачи и возила (анг. Driver Vehicle Agency).
Иако во Македонија нема посебни правила, тимот на Инсулинска порта Ви споделува неколку превентивни совети кои треба да ги применувате додека сте активни учесници во сообраќајот:
- Пред самото вклучување во сообраќајот проверете го нивото на шеќер во крвта. Гликемијата не треба да биде пониска од 5 mmol/L.
- Доколку во текот на возењето почувствувате знаци на хипогликемија, ниско ниво на шеќер во крвта, безбедно исклучете се од сообраќај, изгасете го моторното возило, проверете го нивото на шеќер во крвта, коригирајте ги вредностите доколку е потребно, почекајте најмалку 30-45 минути и потоа безбедно вклучете се повторно во сообраќај.
- Правете паузи и не заборавајте да го проверите нивото на шеќер во крвта на секои два часа при долги патувања.
- Храната во автомобилската касета секогаш треба да биде на дофат (пециво, сендвич, овошје, сок или коцки шеќер).
- Краток одмор на секој час возење е неопходен за ментална и физичка релаксација. Тоа е исто така можност да се касне дел од храната што не може да се јаде додека се вози.
- Никогаш не возете брзо, не се впуштајте во небезбедно возење. Брзото возење не е само сообраќаен ризик, туку и стрес и опасност од предвремен замор кај пациент со дијабетес.
- Избегнувајте долги и ноќни возења секогаш кога е можно. Доколку не може да се избегне долго или ноќно возење, потребно е да имате совозач, кој е запознаен со вашата здравствена состојба. За време на подолги патувања, пациентот со дијабетес треба да зема мал оброк со сложени јаглехидрати на секои два часа.
- Глукагон инјекција е неопходна во приборот за хипогликемија кај пациенти со лабилна гликемиска контрола и на инсулинска терапија. Во случај на сериозно намалување на нивото на шеќер во крвта, кога ќе ги препознае знаците на напредна хипогликемија, лицето со дијабетес си дава интрамускулна инјекција на глукагон. Веднаш потоа, зема две или три коцки шеќер или таблети со сахароза и храна со сложени јаглехидрати. По таквата хипогликемија, потребен е подолг одмор и оброк. Кога сите знаци на хипогликемија ќе исчезнат и кога измереното ниво на шеќер во крвта ќе биде задоволително, пациентот може да го продолжи патувањето, иако е најдобро некој да го замени или да го одложи патувањето еден ден.
- Добар дел од несаканите епизоди со неконтролирано ниво на шеќер во крвта при возење може да се минимализираат, односно целосно да се елиминираат, доколку лицата со дијабетес носат CGM систем, сензор за континуирано следење на гликемија, кој во случај на хипо или хипергликемија, навремено алармира. Во овој случај може да бидат и професионални шофери.
Подготвиле:
Душко Јанев
Наташа Д. Димитриевска