Мое право
Право на здравје и заштита на права на пациентите во светот и во Македонија
Правото на здравје е основно човеково право загарантирано со сите меѓународни конвенции за заштита на правата на човекот. Секоја индивидуа има право на уживање на највисоките постоечки стандарди за здравје, кои во нормални услови придонесуваат за живеење на пристоен живот.
Обединетите нации – организација во која членуваат 192 земји од светот преку своите надлежни органи и работни комитети, во минатото усогласиле повеќе конвенции со цел гарантирање и заштита на човековите права во здравствениот систем, кои етапно биле усвоени и имплементирани од земјите членки на ООН.
Една од донесените конвенции е и Конвенцијата за правата на децата, усвоена на 20 ноември 1989 година, која го признава правото на здравје и здравствена заштита во членот 24, во кој се вели дека ова право треба да биде проследено со највисоки стандарди, со обезбедување установи за третман на разни болести и рехабилитациони услови.
Со овој член се усогласуваат сите механизми во земјите со цел намалувањето на смртноста кај децата и адолесцентите, спречувањето на појавата на болести и зголемување на пристапот до здравствена грижа за децата и нивните родители. Државите потписнички на оваа Конвенција се согласуваат на имплементација на донесените заклучоци без дискриминација базирана на различна основа.
Република Македонија како членка на Обединетите нации се залага за непречено спроведување на правото на здравје на своите граѓани преку постоечкиот ЗАКОН ЗА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА, кој на граѓаните им нуди превенција, достапна здравствена грижа и нега на примарно, секундарно и терциерно ниво.
Дијабетесот и Законот за Здравствена Заштита
Дијабетесот е една од почестите здравствени состојби која се јавува во Република Македонија. Според податоците на IDF – International Diabetes Federation, во Македонија има повеќе од 120 000 лица со дијабетес, од кои околу 600 деца, најголем дел од нив под 10 годишна возраст.
Според Законот за здравствена заштита, грижата за лицата со дијабетес се заснова врз единството на превентивните, дијагностичко- терапевтските и рехабилитационите мерки и врз начелата на достапност, ефикасност, континуираност, правичност, сеопфатност и обезбедување на квалитетен и сигурен здравствен третман.
Тоа значи, секое лице со дијабетес загарантирано според пропишаните месечни и годишни стандарди, а во согласност со потребите од здравствената состојба треба да добие соодветна и достапна едукација за состојбата со која се соочува, навремена, редовна и квалитетна терапија (егзоген инсулин или таблети), уреди за следење на шеќерот во крвта – глукомери, потребната дополнителна опрема – лентички, ланцети и сл., здравствен третман од здравствени лица кои ќе ја следат неговата здравствена состојба.
Децата со дијабетес и социјално-здравствената заштита
Децата со дијабетес се издвоени како посебна група во остварувањето на правото на социјално-здравствената заштита и грижа во однос на нивните потреби во заедницата.
За дете со попреченост, во овој случај облик на хронично заболување, до 26 години живот се обезбедува посебен додаток на месечна основа како паричен додаток. Наод, оцена и мислење за потребата од остварување на посебен додаток дава стручен орган за оцена на видот и степенот на попреченоста на лицата во менталниот или телесниот развој.
Како се остварува правото на посебен додаток?
Остварувањето на правото за посебен додаток започнува со поднесување на БАРАЊЕ од страна на родителот или старателот на детето. Ова барање за остварување на правото на посебен додаток со потребната документација се доставува до Центарот за социјална работа кој функционира на подрачјето на кое подносителот живее. Правото за посебен додаток се остварува од денот на поднесувањето на барањето.
Корисникот на правото на посебен додаток е должен за настанатите промени во околностите за остварување на правото да го извести навремено Центарот за социјална работа, најдоцна во рок од 15 дена.
Центарот за социјална работа како надлежен орган има право да го испита оствареното право на посебен додаток и околностите врз кои истите е остварено, најмалку еднаш годишно.
Колку изнесува посебниот додаток за деца?
Износите на висините на посебниот додаток утврдени со Законот се усогласуваат со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.
Висината на посебниот додаток за 2022 година изнесува 5.365 денари според податоците на Министерството за труд и социјална политика – МТСП.
Износот на посебниот додаток се зголемува за 50% и за 2022 година изнесува 8.047 денари за самохран родител кој има дете со попреченост до 26 години живот. Износот на посебниот додаток се зголемува за 25% и за 2022 година изнесува 6.706 денари за материјално необезбедени родители, кои се корисници на гарантирана минимална помош кои имаат дете со попреченост до 26 години живот.
Надоместок за скратено работно време на родители поради нега на дете со попречености и најтешки облици на хронични заболувања
Родител или старател кој се грижи за дете со најтежок облик на хронично заболување има право да користи скратено работно време, на кое според Законот за работни односи му следува соодветен надоместок за скратеното работно време.
Висината на надоместокот на плата изнесува 50% од просечната нето плата за полно работно време на родителот исплатена во претходната година, односно 100% од просечната нето плата за скратено работно време исплатена во претходната година, но најмногу до 50% од просечната нето плата во Република Северна Македонија за претходната година, објавена од Државниот завод за статистика.
Барањето за овој надоместок се поднесува до Центарот за социјална работа кој се наоѓа на територијата на живеалиштето на подносителот.
Дополнително, работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство, за време на сместување на дете кај посвоител, отсуство од работа за родителство од страна на татко или посвоител на дете и скратено работно време поради грижа за дете со развојни проблеми и посебни образовни потреби и спреченост за нега на дете до тригодишна возраст.