“Основен дел од животот на секое дете е да има обезбедено образование кое ќе овозможи усмерена едукација, како и социјализација со другите деца. Децата со дијабетес имаат законско право и обврска да посетуваат некоја од предшколските и/или школските установи за основно и средно образование. Значаен дел од нивниот секојдневен живот го поминуваат во градинките и училиштата, каде, исто така би требало да имаат соодветна нега и контрола од страна на повозрасните.
Целта на „ Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училишта и детски градинки “ е запознавање на наставниците со основните постулати на дијабетесот тип 1, терапевтските можности и модалитетите за контрола на гликемијата. На едноставен, прифатлив и разбирлив јазик се претставени сите предизвици на дијабетесот како болест, начинот на негово лекување, посебните потреби на децата кои имаат дијабетес и др. Еден од најважните моменти е наставникот да знае како да му помогне на детето затоа што тој може да биде првиот што ќе биде до него (на пример во состојба на хипогликемија). Прирачникот дава напатствија за најчестите проблеми и предизвици во кои може да се најде детето, при што навремената и соодветна реакција на воспитувачот/наставникот е најважна. Во прирачникот има и низа илустрации кои го прават ракописот достапен и за другарчињата кои исто така можат да учествуват во грижата на нивните соученици – деца со дијабетес тип 1.
Сите горенаведени факти го прават прирачникот дел од неопходните документи кои треба да го има секоја установа каде престојуваат децата со дијабетес тип 1.”
Од рецензентскиот осврт на Националната Коминисија за дијабетес, кон ракописот „Протокол за постапување со деца со дијабетес во училишта и детски градинки“ од авторите Проф. Д-р Лидија Попоска, Везире Старова, Наташа Деспотовска Димитриевска, Проф. Д-р Марина Крстевска-Константинова, Доц. Д-р Александра Јанчевска.
Конечно и кај нас, по силни заложби на пациетите и пациентските организации, а со помош и подршка на струката – лекарите специјалисти од областа на ендокринологијата, излезе од печат „Протокол за постапување со деца со дијабетес во училишта и детски градинки“. Овој протокол е во издание на БАЛАНС МК – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија, а со поддршка од Министерството за здравство.
Правото на здравје е едно од основните права на детето. Остварувањето на ова право мора да биде овозможено во текот на периодот во кој детето престојува во детска градинка или во училиште.

Постапувањето според овој Протокол треба да им овозможи на децата со дијабетес кои престојуваат во социјално-воспитните установи (детски градинки) и на учениците во основните и средните училишта, паралелно со контролирањето на болеста и земањето на терапија:
• Активно да учествуваат во сите воспитни и образовни активности
• Правилно да биде постапено уште при појава на првите знаци на нарушување на здравјето во воспитно-образовната средина
• Превенирање на потешки акутни компликации, со препознавање на истите и брзо постапување на вработените во воспитно-образовната институција.
Овој протокол го дефинира поимот безбедна воспитно-образовна средина за децата и учениците кои имаат дијагноза – дијабетес мелитус тип 1 (на инсулинска терапија). Протоколот има цел да се спречи појава на состојби кои може да го нарушат или загрозат здравјето или животот на детето, ученикот, дефинирајќи ги обврските и постапките на сите учесници во воспитно-образовниот систем во однос на детето, ученикот со дијабетес – постапки на воспитувачи, негуватели, наставници, стручни соработници, родители и/или медицински лица онаму каде што постојат.
Целта на сите активности наведени во овој протокол е да се креира во воспитно-образовните институции (детски градинки, основни и средни училишта) безбедна средина за детето со дијабетес и еднакви услови за него како за останатите деца и ученици, како би за да можело рамноправно да учествува во воспитните и наставните активности во градинката или училиштето и другите воннаставни активности.
Протоколот е презентиран пред Министерот за здравство г-динот Фатмир Меџити, пред Министерот за образование г-динот Јетон Шаќири, а ќе биде презентиран и пред министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Јованка Тренчевска. Официјална промоција, како и презентација на целите на „Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училишта и детски градинки“, е закажана на 25 септември, по што веруваме дека овој правилник не само што благовремено ќе стаса до сите воспитно-образовни и згрижувачки институциите низ државста, туку и дека неговата практична примена ќе биде дел од нормираните професионални стандарди на постапување кај децата со дијабетес тип 1.
Наташа Деспотовска Димитриевска