Како што средствата за третман и менаџирање на дијабетесот (инсулинските пумпи и сензорите за континуирано следење на нивото на шеќер во крвта) стануваат избор број еден во секојдневната употреба од страна на лицата со дијабетес, така на светско ниво во здравствената пракса се повеќе се среќаваат лица со дијабетес кои имаат одредени кожни промени и состојби кои се појавиле при користењето на овие средства.
Barbara Davis Center for Diabetes при Универзитетот во Колорадо, САД, водејќи се од зачестеноста на овие промени во 2018 ја промовираат јавната публикација – научен извештај за одржување на интегритетот на здрава кожа кај лицата кои користат средства за третман на дијабетесот.
Инсулинска Порта Ве води кон кратко запознавање со најчестите причини и промени на кожата при користењето на системите за континуирано следење на гликемијата т.н. сензори.
Најчестите промени на кожата при поставувањето, употребата и замената на инсулинските пумпи и сензорите се темелат на оштетување на ткивото на местото на аплицирање на уредот, реакција на преосетливост, пореметувања на распоредот на масното ткиво, инфекции и состојби со длабоки рани.

Ткивно оштетување на местото на апликација на уредите
Поставувањето на нови уреди подразбира нецелосно безболна постапка со пунктирање на ткивото на местото на поставување вклучувајќи ги не само сензорите туку и катетрите за доставување на инсулин, со што се нарушува интегритетот и целовитоста на ткивото. Оштетувањето на ткивото може да доведе до ситно крварење, модринка на кожата или течен исцедок. Тоа може да биде предизвикано и со отстранување на атхезивот или други лепливи материјали за фиксирање на уредите, со што се отстанува и надворешниот, најповршен слој на кожата. Постојаното поставување на нови уреди поткожно може да доведе до појавување на лузни, кои настанале како резултат на хроничната дезинтеграција на ткивото и одговор посредуван од истото а, со цел одржување на неговата целовитост. Лузните може да го отежнат вметнувањето на CGM системот или инсулинска пумпа, и уште поважно, лузните може да влијаат на апсорпцијата на инсулин и мерењето на гликозата – така што областите со тешки лузни треба да се избегнуваат при изборот на нови места за аплицирање.
Реакција на преосетливост или алергиска реакција
Алергиските реакции, познати и како хиперсензитивност се класифицирани во 4 типа, но, најчесто реакциите од тип 1 и тип 4 ги зафаќаат лицата со дијабетес кои користат уреди за менаџирање на состојбата.
Тип 1 реакциите на хиперсензитивност се предизвикани при контакт со алерген – супстанца која предизвикува алергиска реакција, а тоа во случајот може да се лепилата на сензорите или инсулинските пумпи. Алергиските реакции се јавуваат брзо, во рок од неколку минути, со забележливо црвенило и оток на местото.
Хиперсензитивноста тип 4 се карактеризира со задоцнет одговор по контактот, односно не се јавува моментално туку потребни се повеќе дена за појава на црвенило и индурација на кожата.
Алергиските реакции првично може да се повлечат, но, понатамошната сензибилизација на организмот на истиот алерген може да доведе до влошување на состојбата до живото-загрозувачки епизоди. За да се спречат овие алергиски реакции, лицата со дијабетес може да ја проверат својата индивидуална предосетливост кон компонентите на уредите (најчесто лепила) со правење на кожен алерген-тест со цел да се види дали телото реагира на некој специфичен со текот на времето. Иако овој тест не може да ја подобри или елиминира реакцијата, може да ја издвои хемикалијата или производот на кој телото реагира, со крајна цел претпазливост или одбегнување на употребата на истиот.
Пореметувања на распоредот на поткожното масно ткиво или липодистрофија
Липодистрофијата се опишува како нерамномерна распределба на мастите во телото. Се карактеризира или со липохипертрофија (вишок на масно ткиво) или липоатрофија (губење на масното ткиво во една област). Иако липоатрофијата е поретка од липохипертрофијата, таа сепак може да се појави како резултат на инсулинска терапија. Одредени научни студии покажуваат дека липохипертрофијата може да влијае на апсорпцијата на инсулин.
Инфекции и состојби со длабоки рани
Користењето на сензори, како и сетови за инсулински пумпи може да доведе до појава на инфекции доколку лицето внимателно не го одржува чисто и асептично местото на поставување на уредите. Затоа пред секое поставување на уред правилно треба да се следат чекорите наведени од самиот производител и/или тимот кој ја спровел обуката со упатство за правилна употреба. Ако се појави инфекција или рана на местото на поставување на уредот, веднаш контактирајте со вашиот лекар за навремено да се даде најдобриот третман и терапија, со крајна цел да се спречи понатамошно ширење на инфекцијата и прераснување во комплексни состојби со длабоки рани.
Како да ги намалите шансите за појава на кожни реакции и истите да ги спречите?
За да се избегнат проблемите со кожата, пред поставување на уредот прво што треба да направите е да ја подготвите кожата за поставување:
– Прво измијте ги рацете, потоа исчистете ја кожната регија на местото каде ќе го аплицирате уредот со алкохолно марамче. Оставете местото на апликација да се исуши кратко време, не ставајте дополнителни креми и масла на местото. Проверете дали местото на вметнување е ладно и суво пред да продолжите со вметнувањето. Исто така, важно е да го промените местото на поставување на нов уред со секое ново поставување – на овој начин нема да дојде до постојано оштетување на истата област на кожата, што може да резултира со појава на лузни.
Задолжително прочитајте ги упатствата за моделот на инсулинската пумпа или сензорот кој го користите со цел да ги прилагодите вашите навики за негова употреба.
Се надеваме дека овие препораки ќе станат дел од вашата секојдневна рутина на употреба на средствата за третман и менаџирање на дијабетесот, и дека правилните навики ќе бидат од помош за намалување на несаканите ефекти врз вашата кожа.