Уредите за континуиран мониторинг на глукозата (CGM) имаат можност навремено да обезбедат податоци и предупредувања во реално време за да им помогнат на лицата со дијабетес да донесат поткрепени одлуки за нивното здравје, а одредени вообичаени лекови кои се консумираат редовно во секојдневието може да се „мешаат“ во точноста и ефективноста на уредот.
Тоа е затоа што одредени лекови, дел на рецепт, а дел без рецепт предизвикуваат реакции во интерстицијалната течност, местото веднаш под површината на кожата каде што CGM (сензорот) го мери нивото на глукоза во крвта. Лековите како аспирин, тиленол и витамин Ц можат потенцијално да влијаат на точноста на уредите за континуирано следење на глукоза (CGM). Во зависност од тоа дали користите и кој модел на уред, еве неколку препораки кои ќе ви обезбедат сигурно справување со дијабетесот.
Dexcom
1) Ацетаминофен (тиленол)
Можеби овој лек ќе ви звучи непознато, но ако кажеме парацетамол, сигурно ќе се сетите колку пати во изминатиот период сте посегнале по него. Парацетамолот, исто така познат како ацетаминофен, претставува на широко употребуван аналгетик (против болки) и антипиретик (за намалување на температурата), односно спаѓа во групата на нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ), кој честопати е дел од нашето секојдневие.
Забележано е дека високите дози на ацетаминофен влијаат на точноста на Dexcom G4 CGM. Ацетаминофен може да предизвика хемиска реакција во интерстицијалната течност, што доведува до зголемени нивоа на соединението наречено ацетаминофен глукуронид.
Ова соединение може погрешно да се детектира од страна на сензорот CGM како гликоза, што резултира со лажно високо ниво на гликоза, лажна хипергликемија. Кај Dexcom G6 уредот е намалена чувствителност на ацетаминофен, но, земањето повеќе од максималната доза (над 1 грам на секои шест часа кај возрасни) може лажно да ги зголеми отчитувањата на гликозата во крвта.
2) Hydroxyurea (Хидроксиуреа)
Hydroxycarbamide претставува генеричкото име за хидроксиуреа, припаѓа на групата лекови кои се употребуваат за одредени заболувања на крвта и кои се поврзани со растот на малигните клетки. Лекот се издава само со препорака на доктор и рецепт и се препишува за терапија на заболувања на крвта (тумори на коскената срцевина, хронична миелоидна леукемија, есенцијална тромбоцитемија и полицитемија вера).
И покрај тоа што чувствителноста на ацетаминофен е намалена, системот Dexcom G6 CGM сè уште прикажува одредени малфункционалности кога се користи при употреба на хидроксиуреа.
Веб-страницата на Dexcom наведува дека ако земате хидроксиуреа, вашите отчитувања на шеќер во крвта може да бидат повисоки од вистинската вредност на гликоза во крвта. Ова може да биде опасно бидејќи може да доведе до пропуштени предупредувања за хипогликемија или грешки при пресметките и менаџирањето на терапијата, а со тоа и генерално грешки во справувањето со дијабетесот.
Dexcom не препорачува користење на нивниот CGM систем ако земате хидроксиуреа. За среќа, според статистички анализи само мал број на лица кои користат уред за континуирано следење на шеќерот во крвта, користат и хидроксиуреа.

FreeStyle Libre 2
1) Аскорбинска киселина (витамин Ц)
Иако витаминот Ц е од суштинско значење за нашето здравје, екстремно високите дози, како што се оние кои се наоѓаат во одредени додатоци или лекови за настинка, потенцијално можат да влијаат на прецизноста на FreeStyle Libre 2.
Високите нивоа на витамин Ц може да предизвикаат електрохемиски пречки со CGM сензорот, што доведува до неточни отчитувања на гликоза. Веб-страницата на производителот наведува дека земањето преку 500 mg аскорбинска киселина (витамин Ц) дневно може да ги промени отчитувањата на сензорот, што може да предизвика да пропуштите сериозно ниско ниво (хипогликемија) на шеќер во крвта.
2) Салицилати (аспирин)
Лековите кои содржат салицилати како аспиринот, се поврзани со потенцијална интеракција со 14-дневниот CGMs систем за следење на гликоза во крвта – FreeStyle Libre 2.
Иако точниот механизам не е доволно разјаснет, салицилатите може да влијаат на хемискиот состав на интерстицијалната течност, што влијае на способноста на сензорот прецизно да го мери нивото на гликоза. Производителот известува дека земањето аспирин додека се користи уредот за континуиран мониторинг на гликоза во крвта може да доведе до пониски отчитувања на гликозата од реалните.
Важно е да се напомене дека не секој ќе посведочи на исти искуства при користењето на уредите за континуирано следење на гликоза во крвта и горенаведените лекови и слични на истите.
Степенот на пречки при користењето на уредите може да варира од личност до личност и од уред до уред. Некои уреди може воопшто да не бидат засегнати. Сепак, препорачливо е да бидете свесни за какви било потенцијални интеракции со уредот што го користите и да ги преземете сите неопходни мерки на претпазливост за да обезбедите точно следење на гликозата и успешно менаџирање на дијабетесот.
Наша дополнителна препорака е внимателно да го прочитате безбедносното упатство на вашиот уред и упатството пред употреба на лекот, а за дополнителни прашања да се обратите до вашиот лекар. Доколку земате некој од споменатите лекови, направете двојна проверка на шеќерот во крвта со глукомер или разговарајте со вашиот лекар за алтернатива на споменатиот лек.
Обработка и превод: Душко Јанев