Според Законот за социјална заштита, објавен во “Службен весник на РМ”, бр.79 од 24 јуни 2009 година, родител или старател на дете со попреченост и најтешки облици на хронични заболувања има право да оствари скратено работно време со соодветно одреден надоместок.
Дополнително врз основа на член 295 став 6 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 104/19, 146/19, 275/19, 302/20, 311/20, 163/21, 249/21, 99/22 и 236/22), од страна на министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за образование и наука и министерот за здравство е донесен ПРАВИЛНИК ЗА ФУНКЦИОНАЛНАТА ПРОЦЕНКА, објавен во Службен весник на РСМ, бр. 9 од 17.1.2023 година.
Според Член 3 на Правилникот за функционалната проценка, за определување на видот и степенот на попреченост од член 2 став 2 од овој правилник, како деца и млади со попреченост, во смисла на овој правилник, се сметаат лицата до 26 годишна возраст, и тоа:
– со оштетен вид (слабовидни и слепи),
– со оштетен слух (наглуви и глуви),
– со пречки во гласот, говорот и јазикот,
– со пречки во телесниот развој,
– со интелектуална попреченост (лесна, умерена, тешка и длабока),
– со аутистичен спектар на нарушувања и лица со други первазивно развојни
растројства,
– хронично болно лице и
– со повеќе видови попреченост (лица со комбинирани пречки во развојот).
Од тука, темелејќи се на фактот дека дијабетесот е хронична здравствена состојба (болест) за лицето кое се соочува, според Член 10 на истиот правилник цитираме дефиниција за хронично болно лице:
“Хронично болно лице е лице со најтешки облици на хронично заболување и сериозно нарушена здравствена состојба, со присутни оштетувања и лимитирани активности кои во интеракција со различни пречки во средината може да го спречат неговото целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите, предизвикани од канцерогени заболувања, срцеви заболувања, хемофилија, дијабетес, леукемија, потежок облик на бронхијална астма, артритис, ревматизам, дијализа, цистична фиброза и други заболувања со причинско-последична врска помеѓу оштетувањето и лимитираните активности.”

Почитувајќи ги постоечките законски правила и прописи, родител на дете со дијабетес има право да го оствари соодветниот надоместок со поднесување на Барање и соодветната документација до Центарот за социјална работа на подрачјето каде што подносителот има живеалиште, на образец – Барање за остварување на правото на надоместок на плата за скратено работно време.
Барањето е дадено во прилог:
Потребна документација за остварување на правото од член 1 од овој правилник е:
1. Извод од матичната книга на родените за лицето кое што бара да го оствари ова право;
2. Извод од матичната книга на родените на детето;
3. Решение од работодавачот за користење на правото на скратено работно време согласно закон и
4. Решение за заснован работен однос на определено или неопределено работно време на двата родитела, самохран родител или старател.
Висината на надоместокот на плата изнесува 50% од просечната нето плата за полно работно време на родителот исплатена во претходната година, односно 100% од просечната нето плата за скратно работно време исплатена во претходната година, но најмногу до 50% од просечната нето плата во Република Северна Македонија за претходната година, објавена од Државниот завод за статистика.
По исклучок, за родител кој се вработил и остварил право за скратено работно време во тековната година, висината на надоместокот на плата изнесува 100% од просечната нето плата за скратно работно време исплатена во тековната година, но најмногу до 50% од просечната нето плата во Република Северна Македонија за претходната година, објавена од Државниот завод за статистика.
Придонесите за задолжително социјално осигурување за висината на надоместокот се пресметуваат и плаќаат согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.