Справување со дијабетес тип 1 – oд дете до возрасен

341695054_193199433520040_1861902681655411853_n (1)

Мојата животна приказна со дијабетес тип 1 започна на моја шестгодишна возраст. Во овие 25 години живот со оваа состојба се соочив со многу предизвици, падови, но и победи.

Поддршка од фамилијата

Уште на самиот почеток, кога ја добив дијагнозата на Клиниката за детски болести, оддел ендокринологија, моите родители беа првите кои беа директно вклучени во грижата за мојот дијабетес. Заедно со докторите, тие се запознаа со оваа состојба, за видовите на инсулини и нивна функција, инсулински пенкала, инсулински игли, инсулински порти и како тие да се користат. Исто така, имаа и сесии за начинот на исхранта и како таа влијае врз дијабетесот. Секако, бидејќи првиот шок го доживееа тие, им беше потребна психолошка поддршка од страна на стручно лице.

Прифаќањето на оваа состојба и учењето да се живее со истата продолжи и во нашиот дом. Моите родители и сестра ми беа мојата најголема поддршка, кои уште од првиот ден, поради мене, решија да го променат нивниот начин на живот и исхрана. На почетокот, честопати се случуваше мајка ми некое јадење да фрли во корпа за отпадоци, поради страв дека ќе ми го качи шеќерот во крвта. Јас бев мала и не можев да го забележам тој страв во нивните очи, но нивната љубов и поддршка беа секогаш тука, а тоа беше причина да продолжам напред.

Како што растев, желбата за независност кај мене стануваше се поголема и поголема. Уште на 9 годишна возраст, посакав да одам на екскурзија со моите другари од училиште. За таа цел, морав да научам самата да го мерам шеќерот во крвта, да инјектирам инсулин, но и научив како да постапувам во ситуации кога нивото на шеќер во крвта ми е високо или ниско.

Премин кон грижа и третман на возрасни

На 14 годишна возраст, моите родител решија да направам премин од детската здравствена грижа во сегментот на здравствена грижа и третман на возрасни или млади лица со дијабетес. Морам да признаам дека тоа не беше воопшто лесно, особено не за мене. Адолесценцијата е сет на предизвици, од промена на хормоните, притисок од врсниците до личен бунт против рутината. Тоа беше долг и тежок период во кој учев како да ја балансирам мојата слобода со одговорностите и грижата за себе кои животот со дијабетес тип 1 ги бара од сите лица кои живеат со оваа состојба.

Од оваа гледна точка, можам да кажам дека преминот од грижа за деца во грижа за возрасни за мене беше значајна пресвртница. Најпрво, научив како самостојно да се движам низ здравствениот систем, да стапувам во контакт со мојот ендокринолог, да ги закажувам моите идни прегледи, да чекам по неколку часа за да дојдам на ред за контрола, да се јавувам и да прашувам кога имам некаков проблем, на пример кога нивото на шеќерот во крвта е високо или ниско.

Тоа беше крива на учење, која што беше совладана, пред се, благодарение на љубовта и поддршката на моите родители и мојата сестра. Тие ми помогнаа да се прифатам себе си, да бидам одговорна за себе и своето здравје. Исто така, ми помогнаа да научам се што ми е потребно за ефективно да управувам со мојата состојба, да преземам одговорност за моето здравје и самата да донесувам одлуки. Секако, голема поддршка имав и од ендокринолог, мојата докторка, која секогаш ме третираше како поединец и беше секогаш достапна за комуникација.

Дијабетесот и патувањата

Дијабетесот не ми претставуваше никаква пречка ниту во исполнувањето на мојот најголем сон – да патувам. Благодарение на добрата едукација, успеав да прошетам во многу земји низ Европа, но и да го остварам мојот животен сон, да ја посетам мојата најдобра другарка Ева во Јапонија. Таму немав проблем со регулирањето на дијабетесот, и покрај различната храна. Со оглед на тоа дека секојдневно многу пешачев а, внесував храна со помалку јаглехидрати, постојано го мерев нивото на шеќер во крвта и соодветно ја корегирав дозата на инсулин.

Напредна технологија – подобра контрола

Една од највпечатливите промени за време на моето животно патување со оваа состојба беше напредокот на технологијата во управувањето со дијабетесот. Континуираните гликозни системи за мерење на шеќер во крвта (CGM) и инсулинските пумпи станаа вредни алатки, обезбедувајќи податоци во реално време и поголема флексибилност. Моментално јас користам FreeStyle Libre 2 сензор, кој иако го нарачувам од странство и го плаќам со мои пари, сепак ми овозможи живот со помалку болка и го подобри мојот севкупен квалитет на живот.

Взаемна поддршка на луѓето со дијабетес

Секој почеток е тежок, па така и соочувањето со оваа состојба и учењето како да живемее со неа е многу тешко и полно со предизвици. Дури понекогаш, прави и да се запрашаме дали сме ние единствените на овој свет кој се соочуваме со оваа состојба. При преминот кон грижата за возрасни, запознав многу луѓе кои исто така имаат дијабетес и сфатив дека не сум сама, дека постојат луѓе со кои можеш да споделиш слични искуства. Имав и прилика да бидам учесник на кампот за лица со дијабетес во 2018 година, во Прага, организиран од страна на Интернационалната Федерација за дијабетес. Таму запознав повеќе од 30 луѓе од Европа, борци како мене, со кои преку различни едукативни и креативни сесии, разменувавме свои искуства за дијабетесот и учевме едни од други.

Од големо значење се и онлајн групите за поддршка, локалните состаноци и заедниците на социјалните медиуми, каде што можеме да поставуваме многу прашања, да го споделиме искуства и да најдеме инспирација од приказните на другите. За жал, во Македонија многу често се случува да не ја добиеме соодветната терапија навреме. Благодарение на развојот на технологиите, можеме да стапиме во контакт со оние на кои им се потребни игли, ленти за мерење на шеќер или пак инсулински пенкала и да им донираме, или пак, да побараме од нив да ни позајмат додека ние не ја добиеме нашата терапија.

Заклучок

Дваесет и пет години од моето патување со дијабетес тип 1, научив дека оваа состојба не ме дефинира; таа е дел од тоа што сум јас. Преминот од грижа за деца кон грижа за возрасни ме научи на вредни животни вештини, издржливост и важноста да се залагам за моето здравје. Додека сè уште се соочувам со секојдневни предизвици, сфатив дека дијабетесот не ме ограничува во исполнување на моите цели и соништа. Дијабетесот е дел од мојата приказна, кој само ќе продолжи да ме мотивира да водам грижа за себе и своето здравје и благодарение на тоа, ќе уживам во сите прилики кои животот ми ги пружа.

Тања Шатановска

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Категории

Betlabel blik kasyno Fast Payout https://casinos-blik.pl/ https://crypto-casinos.com.pl janusz casino no deposit bonus janusz kasyno kasyno depozyt 5 zł paypal kasyno depozyt 20 zł blik kasyno z paypal krypto kasyna mystake italia Online Payments paypal casino paypal kasyno vincispin Инсулински пенкала Ментално здравје вести деца психолошка подршка дружење физичка активнос дијабетес дијабетес тип 1 едукација искуства исхрана новитети психолошка поддршка спорт тип 1 тип 2