Според новите резултати од клиничкото испитување на University of British Columbia (UBC) и Vancouver Coastal Health (VCH), иновативен третман базиран на матични клетки за дијабетес тип 1 може значајно да го регулира нивото на шеќер во крвта и да ја намали зависноста од дневните инсулински инекции.
„Ова е значаен чекор кон функционален лек за дијабетес тип 1“, изјави д-р Дејвид Томпсон, главен истражувач на локацијата за тестирање во Ванкувер, клинички професор по ендокринологија на UBC и директор на Центарот за дијабетес во Општата болница во Ванкувер. „За прв пат, ваков „дивајс“, кој е заснован на матични клетки, може да ја намали количината на инсулин потребна за некои учесници во испитувањата на лица со дијабетес тип 1. Со дополнително усовршување на овој пристап, само прашање на време е кога ќе имаме ваква терапија која може целосно да ја елиминира потребата од дневни инјекции на инсулин“.
Наодите, објавени во Nature Biotechnology, произлегуваат од мултицентрично клиничко испитување за експериментална клеточна терапија развиена од американската биотехнолошка компанија ViaCyte (набавена од Vertex Pharmaceuticals) која клинички се тестира во Канада.
Терапијата има за цел да ги замени бета-клетките што произведуваат инсулин што им недостасуваат на луѓето со дијабетес тип 1. Наречен VC-02, малиот медицински имплант содржи милиони клетки на панкреасни островчиња добиени во лабораторија, вклучително и бета клетки, кои потекнуваат од линија на плурипотентни матични клетки.
Овие уреди се приближно со големина на фластер и не подебели од кредитна картичка, а се имплантираат под кожата на пациентот каде што се надеваме дека ќе обезбедат стабилно, долгорочно регулирано снабдување со самоодржлив инсулин.
„Секој уред е како минијатурна фабрика за производство на инсулин“, изјави коавторот д-р Тимоти Кифер, професор на катедрата за хирургија и клеточни и физиолошки науки на UBC, поранешен главен научен директор на ViaCyte. „Клетките на панкреасните островчиња, створени и одгледани од матични клетки, „се спакувани“ во имплант кој во суштина треба ја врати функцијата на здрав панкреас за регулирање на шеќерот во крвта. Ова може да има огромни придобивки во однос на трансплантацијата на едвај достапни клетки добиени од донатори, имајќи предвид дека можеме да создадеме практично, неограничено снабдување со инсулин“.

Клиничкото испитување беше спроведено на неколку локации – Општата болница во Ванкувер, во Белгија и во САД. Десет учесници од кои кај ниту еден немаше детектирано сопствено производство на инсулин на почетокот на студијата, беа изложени на оперативен зафат и добија по 10 импланти VC-02 уреди.
Шест месеци подоцна, тројца учесници покажаа значителни маркери за производство на инсулин и ги задржаа тие нивоа во текот на остатокот од едногодишното истражување. Кај овие учесници, подолг временски период, нивото на шеќер во крвта бил во нормални граници и го намалија внесот на дневните инсулински инjекции. Еден учесник, особено покажа забележително подобрување, при што времето во кое нивото на шеќерот во крвта било во граници на нормалата, се зголеми од 55% на 85% проценти и дневниот внес на инсулин го намали за 44%.
Овие резултати се најнови во серијата клинички испитувања финансирани од канадската мрежа за матични клетки и спроведени од тимот на UBC-VCH. „Мрежата за испитување на матични клетки со особено задоволство го прати и го поддржува ова клиничко испитување и ние сме воодушевени што гледаме ветувачките резултати“, изјави Кејт Мареј, претседател и извршен директор на The Stem Cell Network – SCN. „Истражувањето на функционален лек за дијабетес ќе бара координиран и заеднички напор. Потребна е врвна наука од врвни истражувачи во водечки светски институции, финансиери како што е SCN, истражувања за отстранување на ризикот и иновативни биотехнолошки компании кои можат да ја произведат и развијат технологијата. SCN се гордее што има својата улога во овие истражувања на лек за дијабетес и со нетрпение очекуваме што е следно“.
Испитувањата имаат за цел да го забрзаат развојот и клиничкото тестирање на нови терапии базирани на матични клетки за 300.000 граѓани на Канада кои живеат со дијабетес мелитус тип 1. Се проценува дека дијабетесот го чини канадскиот здравствен систем 29 милијарди долари годишно.
Во една претходна студија од 2021 година на Cell Stem Cell, тамошните истражувачи беа првите кои докажаа дека овој пристапот може да произведе инсулин во човечкото тело. Оваа пак најнова студија се обиде значително да го зголеми количеството на произведен инсулин со користење на два до три пати повеќе уреди по учесник, заедно со ажурираниот дизајн на уредот со мали перфорации за да се овозможи растење и на крвните садови – чија цел е да го подобрат преживувањето на лабораториски одгледаните матични клетки кои произведуваат инсулин.
Во друго тековно испитување, тимот на UBC-VCH истражува дали верзијата на уредот што содржи клетки кои се генетски конструирани да го избегнуваат имунолошкиот систем, користејќи технологија за уредување гени – CRISPR, може да ја елиминира потребата од имуносупресивни лекови на учесниците во испитувањата со третманот.
„Замислуваме иднина во која луѓето со дијабетес тип 1 ќе можат да го живеат својот живот без секојдневни инјекции на инсулин и без лекови кои го потиснуваат имунитетот“, рече д-р Томпсон. „Таа иднина е сега на дофат, а Канада е на правиот пат во напорите да ги направи достапни овие нови третмани за пациентите“.
Извор: https://news.ubc.ca/2023/11/27/stem-cell-based-treatment-for-type-1-diabetes/