Потребата од физичка активност кај сите лица со дијабетес Т1 и Т2 е подеднакво важна, а кај малите деца таа речиси е рутина. Најмалите деца имаат генерално активност преку игра. Поголемите деца со тек на време ќе сакаат да бидат вклучени во определен тимски спорт. Но препораките за сите деца и адолесценти, од кои добар дел денес не сакаат да бидат активни (треба да се мотивираат) е да практикуваат умерена до интензивна физичка активност, секој ден повеќе од еден час. Тие треба да се поттикнуваат да вежбаат и да спортуваат со одредени претходно договорени препораки:
• Редовно мониторирање на гликемијата пред и по физичката активност, а по потреба и за време на изведувањето;
• Со себе секогаш да имаат дополнителен оброк;
Треба да се води дневник за случувањата околу физичката активност со цел титрирање на инсулинската доза или оброк;
• Запознавање на тренерот со кондицијата на детето и негова соодветна обука за помош;
• Кога физичката активност трае подолго од 30 минути, потребно е намалување на инсулинските единци или претходно земање на дополнителен оброк/јаглехидрати;
• Ако детето е на терапија со инсулинска пумпа, треба да се намали стапката на базалниот инсулин 90 минути пред планираната активност;
• Во случај да се покачи гликемијата над 14 mmol/L потребна е дополнителна корективна доза на инсулин (најчесто ½ од вообичаената корективна доза);
• Во случај на појава на покачени кетонски тела (>0,6 mmol/L) потребна е корекција во смисла на оброк со јаглехидрати заедно со корективна доза на инсулин, а во зависност од висината на гликемијата. Ако кетоните се над 1,5 mmol/L треба да се избегнува физичка активност се до нивно нормализирање;
• Соодветна хидратација, внес на доволни количини на вода.

Кога станува збор за диететскиот режим кај децата кои практикуваат спорт, студиите покажуваат дека нема потреба од значително менување, туку само надокнадување на енергијата потрошена со активноста.
Јаглехидратните оброци треба да бидат оптимално распоредени во текот на денот, а поголемо внимание да се посвети на оброците пред и по физичката активност. Што се однесува пак до практикувањето на одреден тип на вежби (аеробни или анаеробни), важат истите правила односно насоки и предвидувања за движењата на гликемијата како кај сета популација засегната од дијабетес (види Карактеристики на физичката активност кои се поврзани со дијабетесот и Физичка активност кај лица со ДМТ1). Исто така треба да се земе во предвид дека и стресот (амбиција за победа, компетитивно однесување, фрустрација од пораз) може значително да ја зголеми гликемијата заради вклучување на контрарегулаторните хормони (кортизол, хормонот за раст).
Потребите од јаглехидрати се околу 1-1,5 гр/кг телесна тежина за аеробни вежби пред самата активност без претходна адаптација на инсулинската доза. Потребно е задолжително мерење на гликемијата пред активноста, па ако нејзината вредност е под 5 mmol/L потребна е консумација на 10-15 гр. на јаглехидрати со повисок гликемиски индекс и низок процент на масти. Ако активноста трае подолго од 60 минути, треба дополнителен внес на јаглехидрати за време на активноста (сокови, изотонични спортски пијалоци). Што се однесува до протеините, нивната примена по спортската активност ја зголемува синтезата на гликогенот во мускулите. Кај децата препораките се разликуваат во однос на тие кај возрасните, а констатирано е дека потребите од протеини кај нив не се толку зголемени како кај возрасните. Сепак, оброк со протеини треба да се даде по физичката активност, но заедно со јаглехидратниот заради превенција од доцна хипогликемија и надополнување на енергијата.
Извор: Мал практичен водич за лица и деца со дијабетес мелитус тип 1 и тип 2 при практикување на физичка активност