Вчера во Барселона, Шпанија, започна Меѓународната конференција за напредни технологии и третман на дијабетес – ATTD (International Conference on Advanced Technologies & Treatments for Diabetes), која ќе трае до 14 март, сабота. Конференцијата за прв пат се организираше во 2008 година, и веќе по 18 пат успешно поттикнува соработката помеѓу научната фела, фармацијата, технологиите, индустријата, регулаторните тела, како и лицата кои живеат со дијабетес. Практично, претставници од целиот свет инволвирани во третманот на дијабетесот се собираат на оваа значајна конференција за напредни технологии и третман за да разменат сознанија и да ги презентираат најновите достигнувања во областа на дијабетесот.
За нас особено се важни главните теми кои ги обработува оваа конференција и се врзани со третманот на лицата со ДМТ1. Оваа конференција е местото каде се „лансира“ речиси се’ за унапредување на третманот на дијабетесот, а врзано со:
- Системи за поддршка на одлуки кои рапидно се развиваат (AI Advisors for diabetes),
- Системи кои нудат обработка на голем број зачувани податоци врз кои се базираат предложени решенија,
- Системи со затворена јамка или т.н. вештачки панкреас (artificial pancreas)
- Инсулински пумпи,
- CGM – сензори за континуиран мониторинг на гликоза (инвазивни и неинвазивни),
- Скрининг, интервенција и превенција на дијабетес тип 1,
- Нови формулации на инсулин и лекови,
- Нови системи за испорака на инсулин,
- Превентивни уреди за дијабетес и интеграција на информатиката во медицинските услуги, вклучувајќи телемедицина и софтверски решенија.

Оваа конференција обединува широк спектар на интересенти и посетители, започнувајќи од експертската фела – клиничарите од областа на ендокринологија и метаболизам, педијатри, практичари на семејна медицина, технолошки иноватори ширум светот, фармација, лица со дијабетес.
ATTD ги поттикнува иновативните решенија и преку организирање на Меѓународниот саем на нови технологии (TECH FAIR). На овој саем се презентираат нови решенија, се унапредува развојот, се градат односи и идни соработки.
Искрено веруваме дека нашите експерти од областа на ендокринологијата и дијабетесот, како и претставниците на големите фармацевтски куќи, од оваа конференција ќе донесат позитивно искуство и јавна и децидна поддршка на нас, пациентите, а за имплементација на иновациите во третманот на дијабетес тип 1 и кај нас.
Пишува: Наташа Деспотовска Димитриевска