Евидентниот напредок на технолошки план во однос на третманот на дијабетесот на светско ниво зема голем замав, но во Македонија се чини како часовникот да е многу поназад. Тоа, впрочем, се забележува по постојаните молби на лицата со дијабетес за навремена и квалитетна терапија и навремено добивање на медицинските помагала – глукомери со соодветен квалитет и тест ленти, иглички за инсулински пенкала во соодветен број, ланцети и друг потрошен материјал, а кои благовремено треба да стигнат до рацете на лицата со дијабетес согласно нивните права и потреби за живот.
Новите генерации на терапија, како и технолошкиот напредок во однос на медицинските помагала (CGMs системите и инсулинските пумпи) во светски рамки, според нормите и протоколите, треба да бидат број еден приоритет за надлежните институции во однос на нивно обезбедувањето за лицата со дијабетес. И сето тоа заради очигледните позитивни резултати во регулација на гликемијата кои доведуваат до подобар успех во третманот на начин што првенствено го олеснуваат, потоа ги одложуваат и превенираат тешките последици, болката и компликациите, заштедуваат домашни и државни буџети. Евидентно е дека користењето на напредните терапии и технологии го продолжува животот на лицата со дијабетес, вклучувајќи ги и децата. Но кај нас, пак, очигледно дека само ние, лицата со дијабетес, тоа го разбираме.
Токму затоа, неодамна се појави една „интернет иницијатива“ за обезбедување на овие средства како и за измени во постоечките закони, иницирана на ниво на цела Македонија, а за прв пат преку вклучување на локалната самоуправа. Имено, иницијативата за подобрување на третманот првенствено беше споделена од Слободанка Камчева, лице со дијабетес мелитус тип 1, со долгогодишно искуство во борба со дијабетесот која своите заложби за лицата со дијабетес ги темели на личното искуство и можностите за подобрување на квалитетот на животот. Преку поддршка на иницијативата Здружението на граѓани со дијабетес за Гевгелија, Богданци и Дојран до советот на Општина Гевгелија поднесе барање за иницијатива за законски измени на постоечките законски прописи од областа на здравството во Република Македонија со цел набавка на медицински помагала – сензори за континуирано следење на гликемијата и инсулински пумпи за сите лица со дијабетес мелитус тип 1 без разлика на нивната возраст.
Иако оваа иницијатива е поднесена во бројни општини, локални самоуправи низ Македонија, Советот на Општина Гевгелија и советниците беа првите кои позитивно се произнесоа по доставеното барање и јавно изразија залагање за поддршка на лицата со дијабетес по однос на ова нивно барање. Истото беше едногласно прифатено и по однос на барањето е покрената јавна дебата, а како иницијатива ќе биде доставено до Собранието, Владата и Министерството за здравство на РСМ. Со ова народните избраници – советниците при Советот на Општина Гевгелија први на територијата на цела држава позитивно застанаа рамо до рамо со лицата со дијабетес истакнувајќи дека надлежноста и одговорноста за грижата за граѓаните, посебно за живото-важни прашања е примарен јавен интерес и одговорност кој не познава граница на институционалните ингеренции и ограничувања. За жал, наидовме и на негативни одговори и игнорирање на ваквите барања поднесени од лицата со дијабетес од другите локални самоуправи во државата.
Се надеваме дека ваквиот позитивен однос од локалните власти ќе биде мотив и поттик и за останатите народни избраници – советници во останатите општини, пратениците кои ги претставуваат граѓаните во законодавниот дом, ресорните министри да преземат чекори во решавањето на овие горливи прашања за лицата со дијабетес и да придонесат за обезбедување на подобар третман и крајно полесен и побезбеден живот за лицата и децата со дијабетес и нивните блиски.
Пишуваат:
Душко Јанев
Наташа Д. Димитриевска