Повеќе од половина милијарда луѓе ширум светот живеат со дијабетес. Дијабетесот ги афектира мажите, жените и децата од сите возрасти во секоја држава. Се предвидува дека оваа бројка ќе се зголеми двојно, односно до 1,3 милијарди луѓе во следните 30 години, при што секоја држава ќе забележи драматичен пораст, истакна престижнoто медицинско гласило The Lancet.
Денес е 14 Ноемви, Светскиот ден на дијабетес (WDD) кој од 1991 година се одбележува ширум светот на предлог на Меѓународната федрација за дијабетес (IDF) и Светската здравствена организација (WHO), а како одговор на зголемената загриженост и ескалацијата врз здравствената закана што ја носи дијабетесот. Светскиот ден на дијабетес стана официјален ден на Обединетите нации во 2006 година со усвојувањето на Резолуцијата 61/225 на Обединетите нации. Секоја година се одбележува на 14 ноември, роденденот на Сер Фредерик Бантинг, кој заедно со Чарлс Бест го открил инсулинот во 1922 година.
WDD е најголемата светска кампања за подигање на свесноста за дијабетесот која допира до глобалната публика. Овој ден го привлекува вниманието на сите теми и прашања кои се од огромно значење пред се за луѓето кои живеат со оваа состојба, а потоа цврсто се задржува во центарот на вниманието на јавноста и на политиката.
Секоја година, кампањата за Светскиот ден на дијабетесот се фокусира на тема предложена од IDF која трае една или повеќе години. Темата за Светскиот ден на дијабетесот 2021-2023 година е Пристап до грижа за дијабетесот, а оваа година таа тема има поднаслов: Препознај ги ризиците, препознај ги одговорностите. Тема која подеднакво ги тагира пациентите, здравствените работници и здравствените власти.
Како во светот, така и во нашата Македонија е речиси исто по однос на одбележување на WDD. Двигатели се афектираните, лицата со дијабетес, а со нив се јавноста и здравствените власти кои секоја година ни даваат безусловна поддршка во одбележувањето на овој ден. Самиот ден, 14 Ноември, е двигател за промовирање на важноста од преземање координирани и усогласени активности за соочување со дијабетесот како критично глобално здравствено прашање.
Оваа година во Македонија, речиси идентично како оние и не толку далечни неколку години кога паралелниот увоз на инсулини во државата направи сеопшт хаос во балансот на глукорегулацијата на над 40.000 лица на инсулинска терапија во државата, можеме да ја оцениме како една од најтешките години за лицата со дијабетес. Се доцнеа и доцнат набавките на медицински помагала, глукомери, кои се основа за контрола на оваа состојба. Лицата со дијабетес скоро една година се принудени самите да си ги купуваат и покрај државната програма за нивна достапност за секој еден пациен на инсулинска терапија. Денес, од страна на МЗ и ресорниот министер г-динот Фатмир Меџити, јавно беше истакнато дека овој проблем се надминува и ќе биде целосно решен набргу. И не само тоа, г-динот Меџити исто така истакна дека набргу ќе се разгледаат и барањата од стана на пацинетите и пациентските организации за надминување на овој проблем еднаш, а засекогаш, со воведување на референтна цена за овие помагала и нивна дистрибуција до лицата со дијабетес преку “обичните” аптеки, во секое време, секогаш, во координација со ФЗОМ. Што секако, за нас, пациентите, е иделно решение. Овој тип на достапност на ленти и глукомери и нивна дистрибуција до корисниците е решение во сите други држави во регионов. И што е најважно – супер функционира!
Секако, она пак што би сакале да го истакнеме и е за пофалба, е тоа дека конечно и во Македонија, а по долгогодишна упорност и заложба на пациентските организации, станаа достапни дооолго очекуваните и бараните сензори за безболно, континуирано следење на гликемија. И тоа, за децата и адолесцентите, на товар на буџетот. Ние сме задоволни! А ќе бидеме позадоволни, доколку сериозно почне да се разговара, размислува и полека да се имплементира: достапност на овие сензори за што поголем број лица со ДМТ1. Тоа што едно лице со дијабетес има 20, 30 или 45 години, не значи дека е престаро, а уште помалку дека вакво помагало нема значително да му ја олесни самоконтролата. За бенефитите од нивната употреба како за пациентите, така и за буџетските заштеди понатаму (превенирање и лечење на компликации), можеме да препишеме од европските земји. Тука се и оние другите, подеднакво важни помагала – инсулински пумпи, кои на годишно ниво, „програмски“, се бедни 35 и на број. Наспрема преваленцата на млади, но и постари лица со ДМТ1.
Денес во светот 537 милиони лица живеат со дијабетес. Од нив, над 90% имаат ДМТ2. 1 од 3 лица на глобално ниво се недијагностицирани. Во Македонија има околу 120 000 лица со поставена дијагноза дијабетес. Од нив, приближно 45 000 се на инсулинска терапија.
На глобално ниво, повеќе од 1,3 милиони деца и адолесценти (0-19 години) живеат со дијабетес тип 1. До неодамна, бројот на луѓе кои живеат со дијабетес тип 1 ширум светот се проценуваше само за деца и адолесценти на возраст помала од 20 години. Но, со развојот на Индексот на дијабетес тип 1 (T1D Index) сега е овозможено да се прават тековни и точни проценки за сите возрасти во сите држави. T1D Index е заедничка иницијатива помеѓу JDRF, Life for a Child, IDF и Меѓународното здружение за педијатриски и адолесцентен дијабетес (ISPAD). Во овој извештај се претставени глобалните бројки и проценки во земјите за бројот на луѓе со дијабетес тип 1 за сите возрасни групи. Па тој изнесува 8,7 милиони луѓе ширум светот.
Во Македонија има околу 5000 лица со ДМТ1. Од нив, околу 650 се деца и адолесценти.
По Службен весник на РСМ, овде постои државна Стратегија за справување со дијабетес.
Светскиот ден на дијабетесот е најголемата глобална кампања за подигање на свесноста за дијабетесот. Да ја отвориме и да ја разгледаме Стратегија за справување со дијабетесот во Македонија! Да ги препознаеме ризиците, да ги препознаеме и одговорностите!
Подготвиле:
Наташа Деспотовска Димитриевска
Тања Шатановска
Душко Јанев