Светски искуства и новитети
Сите блог објави за искуства и новитети
Трансформации во грижата за дијабетесот
Имплементација на новите технологии во Англија
Следејќи ги последните препораки од Националниот институт за здравје и нега (NICE), системите за континуирано следење на гликозата во крв, во реално време (rtCGM), ќе им биде понуденa на сите возрасни и деца кои живеат со дијабетес тип 1.
Дополнително, сензорите кои работаат на принципот на “флеш-мониторинг” а кои се користат за наизменично скенирање со цел следење на гликозата, беа достапни само за одредена група на пациенти, но сега листата е проширена за секоја личност со дијабетес тип 1, но и за возрасни лица со дијабетес тип 2 кои се на инсулинска терапија.
Од NICE велат дека: “Пациентите сега ќе имаат избор да ја изберат технологијата што е соодветна за нив, во договор со нивниот тим за дијабетес”. Се проценува дека повеќе од 250.000 пациенти со тип 1 ќе имаат корист и дека потребата од тестирање на глукозата од капиларна крв преку боцкање ќе се намали до 50%.
Крис Аскју (Chris Askew), главен и извршен директор на Diabetes UK, ја поздрави веста како “јасен чекор кон овозможувањето на пристап до модерните технологии на многу повеќе луѓе кои живеат со различни типови на дијабетес и со тоа ќе им помогне да живеат посреќен и поздрав живот“.
Тој исто така потенцираше: “Сите овие новитети се во насока на трансформација на начинот на кои луѓето живеат со дијабетесот. Откако долги години водевме кампања за подобар пристап до системите за флеш и континуираното следење на гликозата, ние сме воодушевени што гласот на луѓето со дијабетес е слушнат.
Она што го гледаме денес е производ на таа трансформација и начинот на размислување во таа насока што е чекор кон признавањето дека технологијата е составен и нужен дел од управувањето со дијабетесот, а не само дополнителен луксуз“.
Технологија - “интегрален дел од менаџментот”
Се покажа дека уредите во реално време како и оние базирани на флеш технологија им помагаат на пациентите да ја одржуваат контролата на глукозата во крвта на едно оптимално ниво, потенцираа од NICE. Истражувањата сугерираат дека rtCGM може да помогне да се намали вредноста на HbA1c без притоа да се зголеми ризикот од хипогликемија.
Уредите базирани на rtCGM им даваат на пациентите континуиран приказ на информации во реално време во врска со нивното моментално ниво на гликоза во крвта, видливи на екранот на нивниот мобилен уред кој дискретно комуницира со сензорот прикачен на телото на корисникот. Во таа дискретна комуникација, телефон – сензор, се вклучени сегашните и претходните нивоа на гликоза во крв каде исто така е вметната напредна технологија за идно предвидување на трендот на нивото на глукоза, нудејќи им можност на пациентите да преземат брза акција за да ги стабилизираат нивоата доколку е потребно. Системите исто така имаат и активни предупредувања или аларми за да ги предупредат корисниците за непосредна и/или претстојна хипогликемија или хипергликемија.
Според упатствата од 2015 година , rtCGM системите беа достапни само за ограничен број пациенти, вклучувајќи:
- Бремени жени со дијабетес тип 1
- Бремени жени со дијабетес тип 2 на инсулинска терапика
- Одредена група на возрасни лица со дијабетес со постојани хипогликемии
- Возрасни со вредноски на HbA1c од 75 mmol/mol (9%) и покрај интензивно тестирање од најмалку 10 пати на ден
- Деца со чести но недетектирани хипер или хипогликемии
Онаа група на пациенти кои не спаѓаа во некоја од претходно споменатите категории мораа да се потпрат на капиларното следење на гликозата во крвта или да инвестираат од свој џеб и да купуваат сензори. На поширокиот пазар, rtCGM системите чинат околу 1000 фунти, или 500 фунти за монитор што работи со инсулинска пумпа, а сензорите – кои траат од 7 до 14 дена – чинат од 40 до 60 фунти секој .
Иако пациентите кои користат rtCGM сè уште треба да прават тестови од капиларна крвсо боцкање на прст, експертите предвидуваат дека нивната употреба ќе се намали за 50%.
Флеш-сензорите, како што е FreeStyle Libre на американскиот производител Abbott, бараат од корисниците да го скенираат сензорот прикачен на раката за да ги превземат вредностите од гликозата во крв, а не сите флеш-монитори обезбедуваат систем на алармирање или предупредување. NHS Англија (National Health Service) веќе имаше пуштено во употреба флеш-уреди препорачани од NICE на околу 50% од популацијата со дијабетес тип 1 и сега препорачува проширување на достапноста на сите возрасни пациенти со дијабетес тип 2 кои се на инсулинска терапија. Проценката е дека оваа технологијата ќе стане достапна за околу 193.000 луѓе.
Безболно и поефтино следење
Д-р Пол Крисп (Paul Chrisp), од NICE, потенцираше: “Со препораките за користење на технологиите за мониторинг на вредностите на гликоза во реално време или флеш технологиите, нашиот независен комитет даде препораки кои ќе бидат чекор напред во помагањето на сите луѓе со дијабет тип 1 за да се справат со нивната состојба.
Многу луѓе сметаат дека капиларното тестирање е болно и одзема многу време, а воведувањето технологија за сите луѓе кои живеат со дијабетес тип 1 значително ќе го намали тој неугоден начин на самоконтрола. Оваа група на луѓе, исто така, живее и со постојан страв од можни хипогликемични коми додека спијат. Имајќи систем кој предупредува со алармирање ако се случи состојба на хипогликемија, ќе им даде мир и ќе знаат дека ќе се разбудат наутро“.
Проф. Парта Кар (Partha Kar), национален советник за дијабет при NHS England, и медицински консултант за дијабетес на Портсмут болниците (NHS Труст) ќе изјави: “Овие монитори се win-win технологија, тие им даваат поддршка на пациентите со дијабетес да живеат поздрав живот, го намалуваат ризикот од хоспитализација, а истовремено помагаат да се намали притисокот врз услугите на NHS и да се обезбеди подобра вредност за парите кои се инвестираат во контролата на оваа здравствена состојба.”
Од NHS Англија изјавуваат дека: “NHS во Англија моментално троши околу 10 милијарди фунти годишно на дијабетесот, што е околу 10% од целиот нејзин буџет. Алатките за континуирано следење на гликозата, кои им помагаат на пациентите подобро да управуваат со нивната состојба и да ги намалат поврзаните болести и хоспитализацијата, може да докажат како енормно исплатливи“.
Предвидувајќи ја промената во севкупниот третман на дијабетесот благодарение на технологиите, во неговото обраќање на воведната пленарна сесија на конференцијата на Diabetes UK оваа година, проф Кар изјави: „голем, голем скок за нас во NHS“. Тој додаде: „Гледаме исто така да притиснеме и за другите видови на дијабетес, како што е Тип 3ц [секундарен дијабетес], кои се целосно зависни од инсулин, исто така да добијат пристап до ова“.
Во меѓувреме, NICE им даде препорака на пациентите кои ги исполнуваат условите и сакаат да имаат пристап до мониторите во реално време или пак флеш технологиите на рецепт, да разговараат со нивниот тим за дијабетес.
Подготовка и превод
Драган Јованоски
Извор на статијата: https://www.medscape.co.uk/viewarticle/transformational-shift-diabetes-care-2022a1000tvs











