Гликемиски индекс (glycemic index -GI) на храната
Познавањето и користењето на GI на храната кај лицата со дијабетес Т1 и Т2 обезбедува минимален пораст на постпрандијалните гликемии (висина на крвниот шеќер по оброк во интервал од 2 часа).
GI претставува нумерички индекс и ги рангира релативно јаглехидратите односно шеќерите во храната врз база на гликемиската реакција – нивната трансформација во гликоза во нашите тела. Употребата на GI треба да биде дополнителна мерка за добро контролиран дијабетес. Бенефитот од користењето на GI e обезбедување на подобра гликемиска контрола воопшто во однос само на пресметувањето на јаглехидратите.
За пресметување на GI на храната се користи скала од 0 до 100 и повеќе. Гликемиски индекс од 100 има чистата гликоза и таа во споменатата скала служи како референтна единица.
Храната според гликемиски индекс може да се подели на храна:
Со низок GI <55
Со среден GI 55-70
Со висок GI >70

Храна која има висок GI предизвикува голем пораст на нивото на крвниот шеќер и овој вид на храна не е препорачлива за лицата со дијабетес, освен при одредени состојби како што е превенирање на хипогликемии односно ниско ниво на шеќер во крвта. Но, тоа не значи дека оваа храна е забранета – со нејзин правилен внес, познавање и употреба на GI, правилно пресметување на јаглехидратите во неа и познавањето на делувањето на болусните инсулини кај лицата со дијабетес тип 1, отстапки се дозволени. По однос на храната со висок GI повеќе треба да внимаваат лицата со дијабетес тип 2.
Храната пак со низок GI – под 55, во дигестивниот систем се вари значително побавно со што порастот на гликемијата по оброкот е помала, а со тоа и гликемиските осцилации се помали.
Подготвил: Наташа Д. Димитриевска