Агонистите на GLP – 1 (супстанци кои имаат афинитети кон рецепторите поттикнувајќи ја нивната физиолошка активност) се видови лекови кои што се препорачуваат на лицата со дијабетес тип 2, а заради намалување на нивото на шеќерот во крвта и на телесната тежина, како и заради заштита од можни срцеви и мозочни удари кај оние луѓе што боледуваат од срцеви болести.
Во редовите подолу научете нешто повеќе за овие лекови, вклучително и околу нус појавите, но и за тоа како делуваат, каква е нивната улога кај дијабетесот и за здравјето на срцето.
За жал лицата со дијабетес имаат двојно поголем ризик за срцеви заболувања или мозочни удари, отколку лицата што не боледуваат од дијабетес. Болестите на срцето понекогаш се опишуваат како “тивка“ состојба – затоа што често воопшто и да нема симптоми – се додека не се случи срцев или мозочен удар. Според American Heart Association и иницијативата на Американската асоцијација за дијабетес (ADA) постојат многу начини да го заштитите своето срце и секако да го намалите ризикот од срцеви заболувања, a за лицата со дијабетес е од особена важност да преземат превентивни мерки за заштита на срцето.
Лековите за намалување на холестеролот (статини), престанокот на пушењето и телесните вежби особено се важни. Меѓутоа, се покажува дека новите лекови, вклучително и SGLT-2 инхибиторите и агонистите на рецептори слични на глукагонот (GLP-1), го заштитуваат срцето и го намалуваат ризикот од многу специфични исходи поврзани со болести на срцето кај лицата со дијабетес тип 2. Во конкретниов случај говориме за GLP-1 лековите.
Кои GLP-1 агонисти постојат?
-
- Rybelsus (Novo Nordisk, таблета за орална примена – еднаш дневно)
-
- Bydureon (AstraZeneca,инјекција, еднаш неделно)
-
- Ozempic (Novo Nordisk, инјекција, еднаш неделно)
-
- Trulicity (Lilly, инјекција, еднаш неделно)
-
- Victoza (Novo Nordisk, инјекција, еднаш дневно)
-
- Lyxumia (Sanofi, инјекција, еднаш дневно)
-
- Byetta (Lilly, инјекција, два пати дневно)
Инаку, пептидот сличен на глукагонот 1 (GLP-1) е хормон којшто се произведува во цревата и помага во регулацијата на апетитот и во регулацијата на шеќерот во крвта. Во комбинација со гликозата GLP-1 го поттикнува лачењето на инсулинот после јадењето. Практично, GLP-1 се лекови што делуваат како и хормонот GLP-1 кој се произведува во нашето тело, помагајќи во регулацијата на нивото на шеќерите во крвта и тоа на неколку начини: најпрво го забавува варењето на храната после оброкот (некои од лековите повеќе од другите), потоа го намалува глукагонот во панкреасот (кој им сигнализира на клетките да ја пуштат складираната гликоза и да го покачат нејзиното ниво во крвта), го поттикнуваат ослободувањето односно лачењето на инсулинот од панкреасот и го наметнуваат чувството на ситост после оброкот.
Значи, овие лекови помагаат за регулирање на нивото на шеќери во крвта кај лицата со дијабетес тип 2, потоа го намалуваат апетитот, што секако резултира со намалување на телесната тежина и на ризиците од појава на срцеви заболувања (а меѓу другото – срцеви и мочни удари). Покрај ова, некои од овие лекови ја намалуваат и потребата и количините на инсулин кои лицата со дијабетес тип 2 ја имаат. Повеќето од GLP-1 агонистите се вбризгува поткожно идентично како и инсулинот, додека пак лекот Rybelsus е достапен и во облик на таблети што се земаат орално.
Секако дека постојат различни видови GLP-1 лекови, односно постојат краткоделувачки GLP-1 агонисти (како што е на пример Byetta) кои делуваат на тој начин што ги намалуваат пиковите на нивото на шеќери во крвта после оброците и обично се земаат еднаш или два пати дневно. И тука се долгоделувачките GLP-1 агонисти (на пример – Victoza, Trulicity, Bydureon, Ozempic i Rybelsus) кои го намалуваат нивото на шеќери во крвта и после оброците, но и при нејадење, односно на празен желудник.
Извор: https://diatribe.org/what-are-glp-1-agonists-and-how-can-they-help-your-heart
Подготвила: Наташа Д. Димитриевска