Нарушеното спиење може да биде честа неприлика кога се живее со дијабетес – без оглед дали станува збор за Вас лично или сте брачен другар или негувател на лице со дијабетес.
Ненаспаноста е како еден вид епидемија, бидејќи CDC (Центарот за контрола на болести во Америка) смета дека повеќе од 1 до 3 возрасни лица редовно немаат доволно сон. Постојаните прекини во спиењето поради дијабетес може да се акумулираат со тек на времето, па потенцијално да доведат до негативни последици. Иако постојат многу лица со дијабетес што имаат нарушено спиење, постојат чекори што може да ги преземете што ќе ви помогнат да добиете добар ноќен сон.
Квалитет на спиењето наспроти количина на спиењето
Кога спиењето редовно се прекинува, се пропуштаат процесите на обновување што се одвиваат преку ноќта. Не е важно само количеството на спиење (колку часа) – доста важен е и квалитетот (колку добро е спиењето). Да се има цел за 8 часа спиење по ноќ е супер, но дури и ако имате доволно часови спиење, квалитетот може да биде низок.
“Можам лично да сведочам за годините поминати како „дијабетско зомби“ откако мојата 5-годишна ќерка Ема беше дијагностицирана со дијабетес тип 1. Тоа беше во 2007 година и тогаш таа не користеше уред за постојано следење на гликозата (CGM – Continuous Glucose Monitor). Но, иако не нè будеа ѕвончињата и свирките од технологијата за дијабетес, имавме поставено аларми за тестирање на гликемијата и монитор за бебе, за да може таа да ни сигнализира кога ќе почувствува дека има ниска гликемија. Беше тешко време, а моето спиење драстично се промени.” – вели сведоштвото на родител на дете со дијабетес.
Кога се проценува спиењето, истражувањата предлагаат дека квалитетот е поважна вредност на мерење отколку количината. Но како воопшто да знаете дали спиете доволно?
Според дискусија на експерти одржана од Националната фондација за спиење, на возрасните им е потребно 7 до 9 часа спиење секоја вечер, додека пак на тинејџерите им е потребно околу 8 до 10 часа.
Хроничните прекини во спиењето може да бидат особено проблематични. Ваквите шеми може да влијаат на секојдневниот живот, што може да резултира во дневна сонливост, други здравствени проблеми поврзани со расположението, функционирањето на мозокот и на срцето. Едноставно кажано, недостатокот од спиење може да влијае врз тоа како размислувате и како се чувствувате.
Спиење и вознемиреност од дијабетес
Истражувачите го користат терминот „вознемиреност од дијабетес“ уште од 90-тите години. „Вознемиреност од дијабетес“ се однесува на емоционалните импликации од живеењето со дијабетес или од поддршката за некој близок што има дијабетес. Затоа што дијабетесот е постојано присутна состојба, понекогаш едноставно може да пречи во спиењето, потенцијално предизвикувајќи уште повеќе стрес и неспокој.
Керен Олер од Феникс, Аризона – на која и бил дијагностициран дијабетес мелитус тип 1 пред 23 години – е добро запознаена со нарушено спиење и стресните, папсани утра што следат потоа. „Би рекла дека моето спиење е умерено нарушено поради дијабетесот“ – вели Олер. „Поради дијабетесот, спијам само 2 или 3 ноќи седмично без да имам прекини.“
Кал Олер дијабетесот е откриен 5 години по нејзиното стапување во брак со сопругот Мет – кој исто така живее со дијабетес тип 1 од својата 14-годишна возраст. Бидејќи и Керен и Мет имаат дијабетес тип 1, нивниот син Карсон уште по раѓањето бил вклучен во Студија за предизвикување дијабетес тип 1 од UCLA, следејќи ги неговите антитела во текот на времето. Тој исто така добил дијабетес тип 1 пред неговиот 14. роденден.
Спиењето и менталното здравје се блиску поврзани. Истражувањата сугерираат дека многу, ако не и сите ментални состојби се поврзани со нарушени количество и квалитет на спиењето. Низ времето, повторливите нарушувања може да доведат до промени во нивото на серотонин во мозокот, хемикалија позната и како „хормон на среќа“, поради начинот на кој ги регулира расположението, апетитот и спиењето.
Кои се најчестите причини за нарушувања на спиењето поради дијабетес?
Кога нивото на гликоза низ ноќта е надвор од опсегот, најверојатно ќе имате нарушено ноќно спиење. Ако користите уреди за дијабетес, во некои ноќи едноставно не може да одморите поради постојаните аларми.
„Моето спиење најчесто е нарушено поради давањето нега,“ – вели Олер. „Технологијата е супер – ми помага да спијам подобро, но не е совршена. На пример, минатата ноќ. Карсон (нејзиниот син) го сменил сензорот, јадел крекери со сирење – и како и повеќето 16-годишници – е буден до доцна. Отишол во кревет откако примил инсулин за јаглехидратите што ги изел и во 1:30 по полноќ добив аларм од Dexcom на мојот телефон. Шеќерот во крвта му беше 49 mg/dL (2,7 mmol/L) – а тој не се буди кога шеќерот во крвта е низок – дури и кога пумпата дава аларми. Нашиот педијатар вели дека ќе го надмине тоа, но сè уште го нема надминато.“
Истражувачите сè повеќе се заинтересирани за проучување на второстепените нарушувања на спиењето или нарушувања на спиењето што се резултат од посебна медицинска состојба (на пример, дијабетес). Иако е потребно повеќе истражување во оваа област, најчестите причини за нарушување на спиењето поврзани со дијабетес опфаќаат:
- Аларми поставени за проверка на гликозата во крвта
- Коригирање на високи и ниски нивоа
- Аларми од CGM (нивоа што се високи, ниски, надвор од опсегот)
- Аларми од инсулинска пумпа (ниски нивоа на резервоарот за инсулин, затнување, полнење/батерија)
- Вознемиреност или загриженост за дијабетесот или за дијабетесот на некој близок
- Дополнителни одења во тоалетот
- Зголемена жед
Постојат неколку општи нарушувања на спиењето што може да придонесат кон проблеми со спиењето поради дијабетес, вклучително и спијачка апнеа и синдром на немирна нога. Ако сметате дека имате некоја од овие состојби, известете го Вашиот лекар. И двете може да се третираат, а со тоа и да се подобри квалитетот на спиењето.
Може ли прекинатото спиење да влијае врз самоконтролата на дијабетесот?
Доброто ноќно спиење може потенцијално да влијае врз гликозата во крвта. Општо земено, шемите на нарушено спиење може да имаат широк опсег на можни проблеми со здравјето. Прекинувањето на спиењето поради дијабетес е доста слично како и спиење во ист кревет со некој што ’рчи. Сите прекинувања се собираат едноподруго, но со дијабетесот, овие прекинувања најчесто бараат и активност, на пример, „полноќен пикник“. Не се работи само за превртување во креветот или кратко будење за да прекине ’рчењето.
Џулс (авторот на оригиналната статија) вели: „Моите ќерки имаат 18-месечна разлика во возраста. Ема има дијабетес тип 1, а Хана, постарата, има ноќни кошмари. Сето тоа, споено со мојот дијабетес тип 1, најверојатно предизвикува нивото на кортизол (хормонот на „стрес“) да е превисок низ повеќе години. Порано никогаш не разговарав за ова со моите лекари, но жал ми е што не го направив тоа. Иако мојот дијабетес тип 1 е добро менаџиран, би било доста корисно да се има преглед во психологијата зад овие немирни промени во гликемијата поврзани со стресот.“
Зошто е ова важно? Затоа што нарушеното спиење е стресно и може да го зголеми нивото на кортизол. Тоа е всушност половичен обид на телото да ја зголеми внимателноста, но високо ниво кортизол може да ја зголеми потребата од повеќе инсулин. Ова е една од причините зошто здравите навики за спиење се доста важни.
Како да се подобри квалитетот на спиењето?
Иако експертите за спиење предупредуваат за потенцијалните штетни ефекти од електронски уреди при спиењето кај лица со и без дијабетес, како што оние со дијабетес веќе знаат, нивните уреди едноставно не се исклучуваат. Лицата што користат уреди за дијабетес имаат аларми и предупредувања што може да се активираат во кое било време во текот на денот и ноќта. Имајќи го ова предвид, постојат неколку работи што може да ги направите за да си ги зголемите шансите за подобар одмор во текот на ноќта.
- Поставете конкретно време или користете аларм за одење во кревет
- Идентификувајте ги другите фактори за здравјето што може да влијаат врз спиењето
- Персонализирајте ги целите на CGM и алармите, а доколку можете, префрлете ги податоците во некоја апликацијата за да ги разгледувате шемите при спиењето
- Идентификувајте конкретни патеки на однесување од тие шеми
- Консултирајте се во Вашите лекари и редовно вршете мали прилагодувања
- Доколку стравот од хипогликемија или вознемиреноста поради дијабетес Ве одржуваат будни, разговарајте за тоа со Вашите лекари
- Исклучете ги личните аларми и нив нека ги следи некој Ваш близок или давател на нега – земете малку одмор, ако е возможно
- Направете ноќта да Ви е слободна. Заменете си ги задачите со некој друг возрасен (давател на нега и родител)
Менаџирањето на дијабетесот се врши најдобро во рутини. Ако правите слични работи во слични времиња, најверојатно ќе ги имате истите резултати. Ова може да се однесува на: вежбање, вечерање, одење во кревет или јадење слични ужинки во редовни интервали. Предвидливоста е добра работа. Иако ова можеби звучи досадно, не мора да биде постојано, но едноставно го прави животот полесен.
Дали треба да посетам лекар за прекинувањата во спиењето?
Ако сте ги направиле предложените промени, но сè уште имате редовни прекини во Вашето спиење, разговарајте со Вашите лекари. Ова може да Ви помогне да откриете зошто дијабетесот Ве држи будни. Иако уредите за CGM и за автоматска достава на инсулин (AID) се супер корисни при управувањето со ниските гликемии во текот на ноќта (и грижата што доаѓа со тоа), алармите може да бидат безмилосни.
Истражувањата предлагаат дека нарушеното спиење може да предизвика краткотрајни и долготрајни последици по здравјето и може да го зголеми ризикот од:
- проблеми со помнењето
- фактори поврзани со стрес и надразливост
- нарушувања во расположението
- зголемена телесна тежина
- воспаленија
„Немам посетено лекар за нарушеното спиење, но она што ми помага е што имам строг режим на распоред за спиење,“ – вели Олер. „Одам рано во кревет и станувам рано. Најчесто сум изморена во утрата, но едноставно станувам и се расонувам – нема време за дремки. Да се има добар став е од огромна корист за недостигот од спиење со кој се справуваме јас и мојот сопруг.“
Лесно е да се мисли дека „сè е во ред“ и дека спиете добро. Но, апликација за спиење, дигитален следач или дневник за спиење може да кажат поинаку. Ако зачестено се будите поради дијабетесот, преземете активности и дискутирајте стратегии со Вашите лекари за да го подобрите Вашето спиење.