Почетокот во справувањето со дијабетесот за секого може да биде тежок. Во тие моменти секоја личност се запрашува зошто и како баш јас, но, одговорот на секого е малку поразличен од останатите.
Неприфаќањето на дијабетесот претставува потенцијален проблем на секоја ново-дијагностицирана личност, но, почитувањето на советите и препораките, како и разговорите со соодветните лица за психолошка поддршка и другите лица со дијабетес се од голема помош за секое лице со дијабетес.
Секое лице со дијагностициран дијабетес почнувајќи од себе, најпрво отворено и пријателски треба да се постави кон состојбата со која се носи. Фактот дека некое лице има дијабетес, не го ограничува самото лице, ниту го прави поразлично од останатите лица. Дијабетесот не е сопствен избор, ниту нечија желба, па, затоа отворената соработка и прифаќањето се првиот важен чекор за справувањето со истиот.
Што можам да направам сега? – Првото прашање кое треба да си го постави секое лице со дијагностициран дијабетес!
Можеме и мораме да бидеме фокусирани на сегашноста. Живееме во овој момент и сме фокусирани на истиот. Концентрацијата ја ставаме на позитивните аспекти и мислиме продуктивно и позитивно. Го прифаќаме предизвикот и спремни сме. Не сме сами ниту единствени. Не сме лошо посебни од другите!
Бараме решение! А кое ни е решението?
Навремена контрола и регулација, контролирана и модифицирана исхрана, редовно земање на препишаната терапија и физичка активност.
Разговорите со лица кои пружаат психолошка поддршка и други лица кои се засегнати со истиот проблем може да имаат позитивно влијание врз нашето прифаќање на дијабетесот и справувањето со истиот.
Споделувањето на сопственото искуство може да биде позитивен исчекор за друго лице и да му помогне во неговата борба.
Автор
Душко Јанев