Веста што сакам да ви ја соопштам е следна: уште еден од идејните проекти на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија БАЛАНС МК, е реализиран и, се разбира – ставен во функција! И, не само во интерес на дечињата со дијабетес тип 1 (и на нивните родители), туку и во интерес на сите лица со дијабетес мелитус тип 1 и тип 2, во интерес на сите наши граѓани кои што на еден или друг начин се соочуваат со дијабетесот како здравствена или животна состојба!
Ја стартувавме “Инсулинска Порта“, веб платформа која што цели да биде токму вистински мултимедијален гласник, кредибилен поддржувач и партнер, прозорец кон светот, наш заеднички простор што уште повеќе ќе ни помогне во сите домени битни за квалитетно превенирање и справување со дијабетесот.
Намерата и заложбите на БАЛАНС МК да добиеме, односно да се стекнеме со уште еден исклучително важен инструмент – медиум, во големиот електронски етер, со www.insulinskaporta.mk се остварени. А што тоа значи?
Прво и основно – комуникација, интеракција, гласност, солидарност и поддршка. Второ, ама не помалку важно – да се биде во чекор со се што е ново, важно, корисно во фармацевтската и во медицинско-технолошката сфера поврзано со дијабетесот но и реперкусиите од него. Тоа, пак, само по себе не води кон нужната едукација, фундирана врз се она што е релевантно овде и во светот како од медицински аспект, така и од нутриционистички аспект, фармаколошки, психолошки, па се до нормативен, воспитно-образовен, социјален… Всушност Инсулинска Порта ќе се бави буквално со сите есенцијални прашања важни за успешната борба против дијабетесот, за здраво и убаво детство на нашите деца, за спокоен и безбеден живот на луѓето со дијабетес наспроти сите негови закани и предизвици.
Креирана да биде целосно функционална и медиумски вредносно стандардизирана, Инсулинска Порта од замисла конечно стана реалност, наше ново моќно орудие кое преферира во многу да го подобри квалитетот на нашата заедничка борба против дијабетесот, обединувајќи ги стручноста, практиката, искуствата, информациите… а само во една посакувана насока: драстично подигање на нивото на здравствена, едукативна, системска превенција во нашата држава!
БАЛАНС МК отвора нови страници во борба против дијабетесот. Тие страници ќе ги испишуваме сите заедно: децата, родителите, докторите, фармацевтите, нутриционистите… сите ние сопатници во животот со дијабетесот.
“Инсулинската порта“ е отворена.
Наташа Деспотовска Димитриевска