Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на настан по повод одбележувањето на 14 Ноември – Светски ден на дијабетесот што се одржа во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје.
Настанот што се одржа под глобалното мото „Едукација за заштита на иднината“ е во организација на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК и има за цел да пренесе порака насочена кон интензивирање и сеопфатност на едукацијата и информираноста во поглед на дијабетесот.
Во рамки на настанот беше реализирана детска креативна работилница, на којашто децата заедно со двајца тренери психолози по Гешталт Арт терапија користејќи разни техники изработија голем постер со кој ја пренесоа пораката за потребата и пристапот до едукација за ова заболување.
На настанот беше промовиран и едукативно-информативниот портал „Инсулинска порта“.
Во своето обраќање сопругата на претседателот истакна дека институционалната соработка и креирањето на простор во кој ќе бидат пласирани релевантни информации се главниот извор за подигнување на јавната свест за детскиот дијабетес во нашата држава.
Ѓоргиевска упати апел до сите релевантни институции да ги ислушаат и да одговорат на потребите и предизвиците на децата со дијабетес и нивните родители, не само заради солидарноста која е нужна, туку и заради обврската и должноста што тие институции ја имаат кон секој наш граѓанин.