Дебелината повеќе не е епидемија ограничена само на САД, туку добива пандемски размери ширум целиот свет, посебно кај децата. Последиците по здравјето на следните генерации се страшни, а финансискиот удар врз националните здравствени системи непроценлив. Кои се причините за ова?
Дебелината кај децата е трикратно зголемена во споредба со 1980-тите. Денес 14% од сите деца на возраст од 6 до 11 години имаат прекумерна телесна тежина, а дури 17% од адолесцентите. Преку 70% од овие деца ќе бидат дебели возрасни луѓе, со зголемен ризик за дијабетес, кардиоваскуларни болести и одредени видови рак. Денешниве деца се прва генерација после повеќе од еден век кои ќе живеат пократко од нивните родители.
Недоволната физичка активност е основниот причинител за детската дебелина. Структурните карактеристики на современата, урбана животна средина – премалку тротоари, небезбедни детски игралишта и недоволно програми за физичко образование и култура – придонесуваат за ова, но исто така и прекумерната зависност од автомобилскиот превоз и седентерниот начин на живот.
Ниските примања се исто така значаен фактор на ризик.
Хемиските обезогени – синтетички соединенија кои штетно влијаат врз метаболизмот од неодамна се веќе под постојан надзор.
Но, она што особено придонесува за дебелината, како кај децата, така и кај возрасните, е еден засладувач на прехранбени производи што се користи како евтина замена за шеќер: високо-фруктозен сируп од пченка (high-fructose corn syrup – HFCS). Консумирањето на HFCS е зголемено за 10 пати почнувајќи од 1974 година, што точно соодветствува со бројките од пандемијата на дебелина.
HFCS за прв пат е откриен во 1960-тите. Производството во САД започнува драматично да расте во 1970-тите, откако тамошното министерство за земјоделство започнува да доделува субвенции за одгледување пченка и соја. Денес, на американските земјоделци годишно им се исплаќаат повеќе од 19 милијарди долари на име субвенции за пченка и соја. Последица од оваа државна интервенција во слободниот пазар е прекумерно производство на пченкарен скроб и – високо-фруктозен сируп од пченка. За жал, не се исплаќаат субвенции за одгледување, на пример, на овошје и зеленчук, иако се далеку пополезни за здравјето на населението.
Високо-фруктозниот сируп од пченка денес претставува 40% од сите високо-калориски прехранбени засладувачи. HFCS е практично единствениот засладувач кој се додава во безалкохолните пијалаци. Поради субвенциите, цената на безалкохолните пијалоци кои содржат HFCS е намалена за 25% во споредба со 1985 година, додека цената на овошјето и зеленчукот е зголемена за речиси 40%. Во 2006, просечно дете внесуваше 132 калории од HFCS преку безалкохолни пијалаци, а во меѓувреме рестораните за брза храна ја заменија порцијата од 250 милилитри со 500 милилитри.
Поради сево ова, но и други фактори, вкупниот калориски внес е зголемен за алармантни 600 калории по лице во споредба со 1970 година. Согорувањето на овие калории би требало да значи 1 дополнителен час на физичка активност дневно.
Справувањето со пандемијата на дебелина бара сложен пристап по многу основи, координирани на национална основа: едукација, физичка активност, здрава храна во училиштата, промоција на непреработена храна и промена во земјоделските политики.
Високата концентрација на високо-фруктозен сируп од пченка во храната е можеби една од главните причини за пандемијата на тип 2 дијабетес и последователно зголемените трошоци за здравствена нега на овие лица.
Во студијата, “Високо-фруктозен сируп од пченка и преваленција на дијабетес: глобална перспектива,” спроведена од страна на група научници под водство на Michael Goran, објавена во Global Public Health, се гледа дека земјите кои користат HFCS во исхраната имаат за 20% повисока преваленција на дијабетес во споредба со оние кои не го користат овој адитив.
Од интернационална перспектива, студијата на Goran покажа дека, од 42 испитани држави САД имаат најголема потрошувачка на HFCS по глава на жител (24 килограми годишно!). Втора во светот е Унгарија, со 21 килограм. Канада, Словачка, Бугарија, Белгија, Аргентина, Кореа, Јапонија и Мексико се исто така големи потрошувачи на HFCS. Германија, Полска, Грција, Португалија, Египет, Финска и Србија се меѓу најниските потрошувачи на HFCS. Државите со потрошувачка помала од половина килограм годишно по глава на жител се Австралија, Кина, Данска, Франција, Индија, Ирска, Италија, Шведска, Обединетото Кралство и Уругвај.
Овие корелации се посебно вознемирувачки ако се земе во предвид дека HFCS е поврзан со “значајно зголемена преваленција на дијабетес”, независно од вкупниот внес на шеќери и дебелината, според Goran. Производството на HFCS едноставно го влошува целокупното глобално здравје. Според последните проценки, 6.4% од населението ширум светот има дијабетес, а оваа бројка ќе порасне на 7.7% во 2030 година. Воедно, ова зголемување посебно ќе ги засегне земјите во развој, со речиси 70% зголемување во бројот на возрасни лица со дијабетес, наспроти само 20% зголемување во развиените земји.
Причината за ова е што субвенциите ја прават цената на храната која содржи HFCS поевтина за потрошувачите и попримамлива за населението со пониски примања. HFCS е главен адитив во брзата храна, а субвенциите ја одржуваат цената на брзата храна ниска. Секоја високо преработена храна содржи пченка/HFCS и е главна причина за енергетски висока, ниско хранлива храна или т.н. “празни калории,” кои предизвикуваат дебелина и дијабетес.
Потребно е да се преиспитаат субвенциите, затоа што нема апсолутно никаква логика да се трошат државни средства за земјоделски субвенции, а истовремено да се водат кампањи против дебелина. Потребна е поголема поддршка за земјоделците кои одгледуваат овошје и зеленчук, затоа што во моментов калориите од растително потекло се 100 пати поскапи во споредба со оние од HFCS, што на многумина им отежнува да направат правилен избор за здрава исхрана. Поради субвенциите, HFCS е воедно неверојатно поевтин дури и од шеќерот.
Извор: