Глукометрите се незаменлива алатка за контрола на гликемијата во домашни услови. Пациентот и/или неговиот родител треба да биде обучен за правилна употреба на глукометарот пред земање капиларна крв. Иако за многумина од нас кои живееме со оваа состојба – дијабетесот, користењето на глукометри е апсолвирано градиво, сепак понекогаш е добро да се повторуваат работите, особено што меѓу нас скоро секогаш има по некој нов сладок член на големото дијабетес-семејство во Македонија.
Во продолжение неколку основни упатства за тоа како правилно да го употребуваме глукометарот, кога да мериме глукоза – ниво на шеќер во крвта и зошто е тоа важно.
1. Миење раце (со сапун – не со алкохол, дезинфициенс, влажни марачиња)
Секогаш размислувајте на нега на рацете, кожата и особено прстите, кои со тек на време поради честите мерења секако ќе се оштетат. Токму затоа: сапун, вода и крпа – не алкохол кој ја суши и оштетува кожата. Во случај на неопходност, на пример ако сте некаде на излет, во природа, на планина или во хипогликемија, нивото на шеќер во крвта мора да се провери. А вредноста на гликемијата секако ќе ја отчитате на мониторот на глукометарот, па макар и воопшто да не ги измиете рацете. Што никако не треба да е правило. Напротив, хигиената е неопходна.
2. Менувајте го секогаш местото на боцкање, штедете си ги прстите.
Мерењето на глукозата се изведува во капка капиларна крв на било кој прст од раката. Се боцка јагодицата, странично, каде што е најизразена периферната циркулација. Боцкањето се изведува со ланцета.
3. Менување на ланцета пред секое земање на крв.
Дали воопшто некој тоа го прави?? Иако достапноста на лацети е голема, ние навистина немаме навика редовно да ги менуваме ланцетите и покрај препораките на производителите на глукометри. Покрај бедните 5 ланцети прикачени на кутија со 50 ленти – од оние “фондовските”, кои ни доаѓаат како премало следување согласно нашите потреби, на нашиот пазар, во аптеките, ланцетите навистина се со достапна цена – од 200 до 600 денари за кутија 100 ланцети со добар квалитет – секогаш стерилни и остри. Од исклучителна важност е редовно менување на ланцетети поради намалување на можноста од инфекции и секако, што помало оштетување на ткивото. Ланцета во ланцетарот (пенкалцето за боцкање по “нашки”) по правило треба да се менува пред секое земање крв. Ако не повеќе, потрудете се барем еднаш во текот на денот да го направите тоа.
4. Користење на најпрактичниот дел од приборот - ланцетар!
Дали сте помислиле што би правеле без ланцетар? Лично, ме “ежи” помислата на директно, рачно бодење на прсти.
За да ставиме нова ланцета треба да го пронајдеме средишниот дел од “пенкалцето” кој обично наликува на прстен околу ланцетарот каде тој се одвртува. Во зависност од производителот, постојат бројни ланцетари кои секогаш наликуваат еден на друг, а средишниот дел каде се одвртува е секогаш позициониран веднаш над бројчаникот. Кога ќе го одвртиме, ја ставаме новата ланцета со благ притисок на местото предвидено за неа. Потоа, со нежно завртување од 360 степени на округлиот дел од ланцетата, ја ослободуваме острата игла. Го затвараме ланцетарот. Бројчаникот означува длабочина на убод и обично е означен со бројки од 1 до 5. На пример, децата бројчаникот го позиционираат на 1 или 2, додека постарите лица на 3 или 4, во зависност од дебелината на кожата. Секогаш е добро да се почне од помалата длабочина односно број, па да се зголемува, согласно потребата да добиеме соодветна капка на крв. На другиот крај од ланцетарот, секогаш има капаче кое налкува на она од пенкало. Кога ќе се извлече ова капаче од ланцетарот, мали човечиња извлекуваат или напнуваат федер, со чија помош потоа, ланцетата ќе биде “испукана” а вие боцнати. Кога ќе го направите ова, ланцетарот без особен притисок, со врвот, позиционирајте го на прстот. Со помош на “копчето” кое секогаш е истакнато и препознатливо по различната боја од ланцетарот, дајте команда на малите човечиња да го отпуштат федерот кој ја држи напната ланцетата. По боцкањето, нежно стиснете го прстот, за да се формира мала капка крв.
5. Тест-ленти за мерење на гликемија
Тест-лентите за мерење на гликемија скоро секогаш се спакувани по 50 на број, во посебна мала кутија, заштитени од прав и влага. Пред нивна употреба, измијте ги рацете за да не ги контаминирате останатите ленти додека вадите една за тековното тестирање. На едниот крај од леничката има знак – стрелка, која ја покажува страната од лентата која “оди” во глукометарот. Другата страна пак, завршува со црна цртичка – и токму тоа е местот каде “доаѓа” капката крв. Кога лентичката ќе се вметне во глукомерот, тој сам ќе се активира.
6. Глукометар - незаменлива алатка за контрола на гликемијата
Кога глукометарот ќе се активира со вметнување на тест-лентата, на мониторот ќе се појави капка крв која трепка. Тоа е знак дека тој е спремен за тестирање. Лентичката во глукометарот нежно допрете ја до прстот, до малата капка крв, а таа ќе апсорбира токму толку крв колку и е потребно за да ја покаже вредноста. По неколку секунди ќе го отчитате нивото на шеќер во крвта на мониторот од глукометарот. Толку!
По употребата, секогаш извадете ја тест-лентата од глукометарот и фрлете ја.
Мерење на гликемија од капиларна крв со глукометар, особено за лицата на интензивирана инсулинска терапија базал-болус, се препорачува во следниве временски рамки:
- Редовни мерења – пред оброци
- За време на континуирана физичка активност, без разлика на интензитетот умерен/напорен
- Пред спиење
- Како потврда за почувствувана хипогликемија
- Повремени мерења 2-3 часа по оброк за оптимизација на инсулинскиот режим
- Проверка на гликемија во ноќните часови минимално еднаш неделно
Самостојното мониторирање на гликемијата и добра едукација за користење и бележење на измерените вредности обезбедува: минимизирање на несакани акутни состојби како хипогликемии и хипергликемии, намалување на ризикот од доцни компликации, оптимален квалитет на животот и пониска вредност на HbA1c.
Наташа Деспотовска Димитриевска