„Дали можам да работам ако имам дијабетес?“
Ова е едно од прашањата кои често си ги поставував. Дијабетесот и работата е тема на интерес за многу млади лица кои живеат со оваа состојба. А одговорот на ова прашање е: ДА!
Она пак што треба да го знаете, а се однесува на вашиот дијабетес на работното место е: постојана контрола над себе, со што ќе ја контролирате вашата целокупна физичка, ментална и здравствена состојба. Не дозволувајте секој стрес, непријатни и неочекувани состојби, или пак не завршена задача, да влијае на нивото на шеќерот во крвта. Денес, кога скоро секоја работа бара од нас одредена, брза динамика (а тоа и се бара, нели), мораме да бидеме сталожени.
Јас работам повеќе од шест години и досега имам сменето повеќе работни места. На секое од нив редовно се соочувам со стресни ситуации, кои имаа негативно влијание врз нивото на шеќер во крвта. Сепак, со текот на времето научив како да се справувам со истите. И, еве што правам, за моите гликемии да ги “држам” по контрола:
Секогаш носам инсулин со себе
Во мојата ташна секогаш со мене носам инсулин, резервни иглички и глукометар за мерење на шеќер во крвта за да можам да го контролирам неговото ниво.
Често го мерам нивото на шеќер во крвта
Во текот на работното време често проверувам гликемија, особено кога сум жедна или гладна. Притоа, најчесто проверувам на работното биро, во кујна или во тоалет. И ич не ми е грижа дали некому тоа му пречи или не. Состојба на нужност… тоа е.
Се хранам здраво за време на работното време
За да не јадам брза храна, најчесто носам храна подготвена од дома. На тој начин имам контрола врз храната што ја јадам, на внесот на јаглехидрати, а со тоа и на гликемијата. Најчесто носам пилешка или туна салата, ориз, тиквички, пиперки полни со ориз и мелено месо, сендвич со јајце и салати, свежо овошје итн. Понекогаш на работа нарачуваме храна од локалните ресторани и во тој случај, најчесто нарачувам месо и свежа салата.
Ги едуцирам вработените за мојата состојба
Многу луѓе не знаат што претставува дијабетесот и не знаат како да реагираат во ситуации кога нивото на шеќер во крвта е високо или ниско. Затоа секогаш ги едуцирам колегите за мојата состојба и ги учам како да реагираат или да ми помогнат, особено доколку шеќерот во крвта ми се намали.
Дијабетесот не треба да претставува пречка за ништо, па дури ни за работата. Земете ја неговата контрола во свои раце, никогаш обратно. Се надевам дека моето искуство ќе ве мотивира да разговарате и да ги едуцирате вашите колеги и околината за оваа состојба.
Тања Шатановска