Дијабетесот и сексуалното здравје

sex-blog

Како култура која не се плаши да ги помести границите кога е во прашање сексуалноста, на ТВ, во филмови, на радио, во книги и списанија, како и на интернет и на социјалните мрежи, ние сме ужасно срамежливи по ова прашање кога станува збор за нашето здравје. Всушност, иако луѓето со дијабетес се изложени на поголем ризик кога е во прашање нивното сексуално здравје, една студија во Diabetes Care чиј резултати ги толкува официјалната веб страна на ADA (American Diabetes Association)  укажува на тоа дека само околу 50 проценти од сите мажи со дијабетес и 19 проценти од жените со дијабетес ја отвориле и се произнеле пред своите лекари околу оваа за жал,  се уште претежно табу – тема.

И, вистината е дека многу лекари не се чувствуваат подготвено да ги поттикнуваат пациентите за детали околу нивниот сексуален живот односно последиците по истиот или попрецизно – околу нивната сексуална дисфункција. Па затоа, новодијагностицираните лица со дијабетес брзо дознаваат за нивниот ризик од компликации на очите, нервите, бубрезите и срцето, но речиси никогаш не слушаат како дијабетесот влијае на сексуалното здравје. Важно е луѓето да бидат отворени и искрени со своите лекари во однос на сите здравствени проблеми – дури и проблеми со сексуалната функција. Проблемите со сексуалните перформанси, задоволството и возбудата може да сигнализираат и на други здравствени проблеми.

Многу мажи со еректилна дисфункција, на пример, подоцна дознаваат дека имаат дијабетес. За луѓето кои веќе имаат дијабетес, сексуалните проблеми може да укажуваат на оштетување на нервите, блокирани артерии, па дури и хормонско пореметување. Иако допрва треба уште многу да се истражува на полето за сексуалната дисфункција кај луѓето со дијабетес, истражувачите се сигурни во едно: хроничното високо ниво на гликоза (или шеќер во крвта) стои зад многу сексуални проблеми со кои се соочуваат луѓето, а првата линија на дејствување е да се подобри контролата на гликозата.

Што се случува со либидото, зошто е намалено?

Ниското либидо, или недостаток на сексуална желба, е вистински проблем што ги погодува луѓето со дијабетес повеќе отколку оние без него. Причината што мажите и жените доживуваат ниско либидо е всушност резултат на лошо управуваниот дијабетес. Ако вашиот сексуален нагон е дисфункционален, т.е. заостанува, прво што треба е да го ревидирате вашиот пристап кон менаџирањето на дијабетесот и  да преземете соодветни чекори за да го намалите нивото на гликоза во крвта. Исто така, треба да водите сметка дали вашата терапија, препишана од вашиот ендокринолог, кардиолог, или пак невролог ви одговара. Одредени лекови, како што се антидепресивите, можат да ја намалат сексуалната желба, затоа не заборавајте да поразговарате со вашиот лекар во врска со ова.

Покрај ова, постојат истражувања кои велат дека и воспалителните процеси можат да ја намалат сексуалната желба. Сексуалната желба е настан управуван од мозокот, па ако воспалителните процеси ја преминат крвно-мозочната бариера и циркулираат во областа каде што е центарот за сексуална возбуда и желба, тогаш веројатно е дека желбата за секс може да биде засегната. Како втор осомничен за намалена сексуална желба се смета дека е ниското ниво на тестостерон, кој многу често ги погодува и мажите и жените со дијабетес.

Истражувањата покажаа дека мажите со дијабетес, особено оние кои имаат тип 2 или се со прекумерна тежина, или и со двете состојби, имаат двојно поголем ризик од низок тестостерон во однос на нивните врсници без оваа болест, што може да влијае на страста на мажот за секс. Кога нискиот тестостерон се лекува преку слабеење и/или терапија со тестостерон, кај многу мажи се обновува желбата за секс.

Лекувањето на жените не е толку едноставно. Некои студии сугерираат дека земањето тестостерон може да ја зголеми сексуалната желба и кај жените. Една статија во New England Journal of Medicine покажа дека жените во постменопауза имале поголем сексуален апетит откако земале тестостерон речиси шест месеци, но третманот сè уште е недоволно проучен, особено неговите долгорочни ефекти врз здравјето на жените. Не само тоа, туку е тешко за истражувачите да утврдат дали ниското либидо на одредена жена е резултат на дијабетес, на емоционални проблеми или на нешто сосема друго, бидејќи ниското либидо е вообичаено кај жените – без оглед на присуството на дијабетес.

sex

Намалена сексуална возбуда како последица од дијабетесот

Има разлика помеѓу желба и возбуда. Прво, мора да се појави сексуална желба, и тогаш телото реагира, сигнализирајќи возбуда. Тоа е така, ако сè во организмот работи како што треба. И мажите и жените со дијабетес може да чувствуваат желба, но се борат со проблеми со возбудувањето, иако механизмите зад оваа сексуална дисфункција се подобро проучени и разбрани кај мажите.

И за мажите и за жените, добро место да започнете да барате можни причини е вашата фиока со лекови. Некои лекови за намалување на крвниот притисок, на пример, можат да придонесат за еректилна дисфункција. Кога лековите не стојат зад намаленото сексуално возбудување на една личност, можеби тука виновен е дијабетесот, т.е. лошото менаџирање со дијабетесот со текот на времето којшто може да доведе до оштетување на крвните садови и нервите, а со тоа директно влијае на половиот орган и можноста за сексуална возбуда.

Еден од главните сексуални проблеми со кои се соочуваат мажите со дијабетес е неможноста да имаат ерекција. Оштетувањето на васкуларниот систем може да го намали протокот на крв. Ако крвните садови не функционираат правилно или ако артеријата е блокирана, нема доволно крв да стигне до пенисот, при што ја отежнува ерекцијата.

Нервната функција исто така игра улога. Ако мозокот не комуницира правилно со нервите во половите органи, телото можеби нема да може да ја пренесе крвта таму, што ќе ја наруши способноста на мажот да добие ерекција. Може да влијае и на способноста да се одржи ерекцијата, бидејќи мозокот мора да комуницира со нервите за да ја задржи крвта во пенисот. (Но, имајте на ум: способноста на мажот да добие и одржи ерекција обично слабее со возраста.)

За среќа, постојат многу опции за третман, вклучително и инхибиторите на PDE5, како што се Виагра и Сиалис, кои го подобруваат протокот на крв, потоа тука се инјекции или гелови на тестостерон (ако нивото на тестостерон е ниско), лекови за инјектирање или супозитории, прстени за стегање кои се поставуваат на основата на пенисот, вакуумски пумпи кои црпат крв во пенисот, потпорни ракави кои го држат пенисот на место за време на секс и импланти на пенисот. Она што е многу важно е отворено да разговарате со вашиот лекар за да видите дали постои опција што ќе работи за вас.

Додека кај жените, оштетувањето на нервите може да предизвика сувост на вагината, што е двојно почеста кај жените со дијабетес отколку кај жените без дијабетес. Тоа е и резултат на стареењето. Сувоста на вагината е многу честа кај жените кои се во менопауза или постменопауза, поради недостаток на естроген. Проблемите може да се третираат со естроген на рецепт, достапен во апчиња, фластер или крем што се користи во вагината.

Бидејќи истражувачите не разбираат точно зошто женското тело ја губи способноста за само-подмачкување кога менопаузата не е причината, опциите за третман се мали. Повеќето експерти препорачуваат користење на лубрикант купен во продавница.

Жените со дијабетес се исто така склони кон истите проблеми со протокот на крв со кои се соочуваат мажите поради оштетување на нервите или крвните садови. Компликациите од дијабетес може да го отежнат движењето на крвта во вагината и клиторисот.

Една мала студија во издание на The Journal of Sexual Medicine покажа дека жените со дијабетес тип 1 кои земале 5 mg тадалафил (Cialis) 12 недели пријавиле подобрен квалитет на живот, поголема возбуда и оргазам, повеќе уживање и задоволство од сексот и почест секс. Третманот во моментов не е одобрен за жени, а е опасен кај некои луѓе со срцеви проблеми и генерално небезбеден додека не се докаже спротивното. Но, тој изгледа ветувачки за третманот кај жените во некоја блиска иднина.

Што се однесува до сегашноста, некои жени користат пумпи за клиторисот за да го помогнат протокот на крв, но имајте предвид дека овој уред не е за секого.

Дали оргазмот е исто така афектиран?

Оргазмот е всушност сексуална награда која ја добиваме од сексуалниот чин, но за луѓето со дијабетес може да се чувствува како недостижна цел. И, да, овде зборуваме и за жени и за мажи. И двата пола можат да се борат со неостварливото. А првото нешто што тие и нивните лекари треба да го проверат се лековите што ги земаат, како што се на пример – антидепресивите.

Доживувањето оргазам обично е прилично лесно за мажите, па затоа може да биде толку фрустрирачки ако мажот не може да го постигне тоа. Мажите кои страдаат од невроваскуларно оштетување, недостаток на проток на крв, може да имаат објективни потешкотии да постигнат оргазам. Мажите можат да ја заобиколат еректилната дисфункција со различни третмани, кои се движат од лекови до вакуумски пумпи, но овие третмани нема да ја поправат невропатијата.

Жените, пак, генерално пријавуваат повеќе потешкотии да доживеат оргазам од мажите, а оние со дијабетес имаат уште поголеми тешкотии. Секако, неспособноста на жената да достигне кулминација често е поврзана со нејзината ментална или емоционална состојба, но и дијабетесот може да биде “во игра”. Според една студија објавена во списанието Obstetrics & Gynecology, средовечните жени чиј дијабетес бара инсулин имаат 80 проценти поголема веројатност да пријават проблеми со постигнување оргазам отколку жените без дијабетес.

Од она што го знаеме сега, невроваскуларниот систем е неопходен за возбудување и оргазам. Ако малите нерви не работат правилно, тогаш може да имате проблеми со сензацијата. За да може клиторисот да ја доживее кулминацијата што му е потребна за оргазам, потребно е да има нормален проток на крв и сензација, која може да биде нарушена заради оштетување на нервите.

Нерамнотежата на хормони, исто така, може да биде виновна за оваа состојба. Некои научници кои ги проучуваат циклусите на овулација кај жените, претпоставувајќи дека хормоните кои не се балансираат, а не само тестостеронот, може да стојат зад намаленото возбудување и оргазам кај жените, но засега сè уште немаме доволно истражувања на оваа тема.

Болно искуство во тек на сексуалниот чин

Сексот треба да ви донесе задоволство вам и на вашиот партнер, па болката е показател дека нешто не е во ред. Дури и ако сте срамежливи, важно е да разговарате со лекар за прашањата за болен секс.

Мажите со дијабетес се изложени на зголемен ризик да развијат Пејрониеова болест, состојба во која оштетеното ткиво во внатрешноста на пенисот предизвикува заоблена и болна ерекција. Пред да се загрижите, сите пениси се разликуваат по форма, а малата кривина не е голема работа. Со Пејрониевата болест, кривината или свиокот е значајна и може да го отежне како и да го направи болен сексот и ерекцијата или нејзиното одржување. Лекарот може да ве советува дали треба да почекате, да земате лекови или да направите операција.

Кај жените, сексот со премалку достаточна надразба може да претставува болен сексуален чин. Сувоста на вагината е една од главните причини зошто жените со дијабетес имаат болки за време на сексот, а одговорот е во надминување на сувоста. Без разлика дали тоа доаѓа во форма на естрогенска терапија за жени чија сувост е несакан ефект на менопаузата, или лубриканти без рецепт, целта е таквата состојба да се надмине.

Жените со дијабетес исто така се изложени на поголем ризик од инфекции на уринарниот тракт и вагинални габични инфекции, што пак може да доведе до болен секс. Сепак, бидете сигурни дека луѓето со дијабетес не се изложени на поголем ризик од сексуално преносливи болести отколку оние без оваа болест. Намалете ги шансите да добиете инфекции на уринарниот тракт или габична инфекција преку управување со вашата гликоза во крвта но најважно е да одете на лекар при првиот знак на непријатност.

Подготвил:

Драган Јованоски

Извор: https://diabetes.org/healthy-living/sexual-health/sex-diabetes

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Категории

Betlabel blik kasyno Fast Payout https://casinos-blik.pl/ https://crypto-casinos.com.pl janusz casino no deposit bonus janusz kasyno kasyno depozyt 5 zł paypal kasyno depozyt 20 zł blik kasyno z paypal krypto kasyna mystake italia Online Payments paypal casino paypal kasyno vincispin Инсулински пенкала Ментално здравје вести деца психолошка подршка дружење физичка активнос дијабетес дијабетес тип 1 едукација искуства исхрана новитети психолошка поддршка спорт тип 1 тип 2