Дијабетичен макуларен едем (ДМЕ) е компликација на дијабетичната ретинопатија и претставува состојба која се карактеризира со оток во центарот за вид (макула). Макулата е централниот дел од мрежницата и се наоѓа во најзадниот дел од окото, а е одговорна за централниот и видот во боја, како и за фините детали.
ДМЕ засега 1 од 15 лица со дијабетес, односно има повеќе од 20 милиони пациенти ширум светот.
10% од лицата со дијабетес кои имаат дијабетична ретинопатија во еден момент ќе развијат дијабетичен макуларен едем.
До сега се направени само неколку епидемиолошки студии за конкретно да се испитаат факторите на ризик за дијабетичен макуларен едем, иако воглавном присуството и развојот на состојбата се поврзани со лошата контрола на гликемијата и крвниот притисок.
Симптомите на макуларен едем се:
- Заматен централен вид
- Дисторзија на сликата (правите линии се искривуваат)
- Промена на видот во боја
- Губиток на видот во понапредните стадиуми
ДМЕ настанува поради собирање на течност во макулата како резултат на оштетените крвни садови (капилари) и самиот по себе не е болест туку симптом на една метаболна состојба.
Дијагнозата на ДМЕ се поставува преку:
- Тестирање на видна острина
- Тестирање со Амслерова решетка
- Преглед во широка зеница
- ОЦТ (оптичка кохерентна томографија)
- ФФА (фундус флуоресцеинска ангиографија)
Лекувањето е најчесто со примена на Анти – ВЕГФ инјекција која има за цел блокирање на протеин познат како васкуларен ендотелиален фактор на раст кој е неопходен за раст на нови крвни садови (ангиогенеза).
Анти – ВЕГФ медикаментите се инјектираат во окото за да го спречат создавањето на абнормалните крвни садови и собирање на течност во центарот за вид.
Новите терапевтски стратегии вклучуваат подобрување на ефикасноста и времетраењето на супресијата на ВЕГФ, таргетирање на алтернативни сигнални патишта како што се воспаление, системот каликреин-кинин, системот ангиопоетин-Tie2 и невродегенерацијата и користење на подпрагова и насочена ласерска терапија.
Опоравувањето од ДМЕ е бавно и потребни се неколку месеци. Успешноста зависи од степенот на оштетување на ретината, видот и регулацијата на дијабетесот, крвниот притисок, нивото на холестеролот и триглицеридите во крвта, односно потребна е сеопфатна и строга метаболна контрола за да се постигне добар резултат.