Ако денес нешто е неспорно, тогаш тоа е фактот дека динамичните истражувања поврзани со третманот во самоконтролата кај дијабетесот и бенефитите од нив, особено последнава деценија, значително го олеснуваат и помагаат животот на децата, младите и на сите лица со ДМТ1, и се разбира на нивните семејства, односно на сите оние коишто ги тангира животот со оваа состојба.
Практично, сите тие научни и медицински сознанија и новитети, пред се, на многу начини ги минимизираат опасностите кои што со себе реално ги носи оваа хронична состојба, независно дали станува збор за дијабетес Т1 или Т2.
Секако, дел од тие бенефити или научно-технолошки дострели можевме да ги имаме и кај нас многу порано, но за разлика од светот или еве да се ограничиме на Балканов, нивното присуство и имплементација овде, во Македонија, ниту биле ниту се сеуште израз на системските, туку исклучиво на индивидуалните активности и пред се – напори – на лицата со дијабетес, на нивните блиски, на меѓусебната човечка солидарност и поддршка. Тоа особено важи во поглед на техничко-технолошките помагала како CGMs (системи за континуирано следење на гликемија), коишто, бездруго веќе се етаблираа во третманот на дијабетесот како суштинска алатка за справување со оваа состојба, а примарно со дијабетесот тип 1.
Дали нашиот здравствен менаџмент, но и поширокиот системско-институционален менаџмент, се уште не ја препознава нужноста од посериозен пристап кон состојбата дијабетес и целокупниот негов третман, кој што на еден или друг начин го тангира секојдневието на околу 140.000 наши сограѓани и нивните семејства од сите старосни категории? Се разбира декларативните заложби не ни недостасуваат, напротив – нив ги има со години наназад во достаточен број. Резултати пак по нив, недостигаат…
Меѓутоа, се чини дека овој пат како да сме најблизу до можноста конечно и практично (на дело) државата навистина да го направи клучниот исчекор – да обезбеди, во делот на CGMs (системи за континуирано и безболно следење на гликемија) предуслови – преку нивна набавка и системска дистрибуција – за далеку поквалитетен третман на дијабетесот кај децата со дијабетес тип 1, кај адолесцентите и младите.
Овие актуелни најави и активности што доаѓаат од здравствениот ресор секако дека даваат основ за внимателен оптимизам, дотолку повеќе што сите инволвирани во проблематиката со дијабетесот добро знаат какво значење има правилната и квалитетна гликемиска контрола. Со “времето минато во опсег” или “Time in range” над 75%, како и со ефикасното одржување на HbA1c под <7%, значително се намалуваат ризиците од развивање на доцни компликации кои дијабетесот за жал, речиси неизбежно ги носи. Добро регулираната гликемија која неспорно ја овозможуваат CGMs, за над 50% ги намалува срцевите заболувања, мозочни удари и кардиоваскуларната смрт, потоа ја намалува инциденцата на рани знаци на бубрежни оштетувања и на високи нивоа на протеин во урината (микроалбуминурија), го намалува ризикот од ретинопатија. За актутните пак компликации како што се хиперглигемиите и хипогликемиите, од кои вториве претставуваат најголема ноќна мора не само за нас родителите на деца со дијабетес, ами и на секое лице на инсулинска терапија, овие системи за континуирано следење на гликемија се “мајката”. Особено со интегрираните алгоритми во нив кои на некој начин претставуваат вештачка интелигенција која предвидува ниски и високи нивоа на шеќер во крвта, а плус и пред да се случат – алармираат. Просто: со нив ги намалуваме флуктациите на крвниот шеќер, ги “пегламе” гликемиите. Тие и ред други бенефити, колку што се важни за лицата со дијабетес, истовремено се важни и за самиот здравствен систем бидејќи, меѓу другото, значат и директна економска заштитата од проста причина што се превенираат здравствените компликации.
Оттаму очекуваме дека овој пат навистина ќе ни се посреќи…
Пишува:
Наташа Деспотовска Димитриевска