Интервју со Проф. д-р Горан Петровски
Во 2002 година како раководител на Центарот за инсулински пумпи при Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот д-р Горан Петровски ја започна државната програма за инсулински пумпи и сензори. Во 2011 постигна исплаќање надоместок за инсулинските пумпи и сензори во нашата држава.
Тој и денес е многу активен во објавувањето и промовирањето технологии за дијабетес во светот, а неговиот фокус е третманот на дијабетес тип 1, инсулински пумпи и постојано следење на гликозата во крвта. Целта на д-р Петровски е да го намали нивото на А1c за 1% кај секој неконтролиран пациент во текот на една година, сè додека пациентот не постигне задоволително ниво на контрола на гликемијата. Има објавено над 80 трудови во рецензирани списанија и автор е на дузина книги за дијабетес тип 1, инсулински пумпи, ендокринолошки тестови и клинички испитувања. Тој е исто така и рецензент во светски познати списанија за дијабетес (Diabetes Care, Diabetes UK, Acta Diabetologica, Diabetes Technology and Therapeutics, Journal of Technology and Science). Денес д-р Петровски работи како професор по медицина на Weil Medical College во Доха, Катар, а неговиот протокол во постигнување на одлична гликемиска контрола преку “затворена јамка” без броење јаглехидрати во третманот на дијабетес тип 1, на кој работи со години, неодамна беше објавен во PubMed.
Дијабетесот е една од најчестите хронични состојби во светот, од која што и ние овде не сме заобиколени, напротив. Оттаму, какви се вашите согледувања во поглед на влијанијата врз таквата застапеност на дијабетесот во светски рамки, и колку евидентните промени во културата и ритамот на живот имаат влијание врз тоа?
Сведоци сме на зголемен број на лица со дијабетес во светот, бројки коишто постојано се зголемуваат и загрижуваат а, за жал, Македонија не е заобиколена. Она што изненадува е зголемената инциденца на новооткриени лица со тип 1 дијабетес во помладата популација (лица до 7 годишна возраст). Поразителни се бројките, а кои не одат во прилог на дијабетесот, е и најновата студија објавена во во “Лансет“ (најстарото медицинско списание кое подлежи на строги рецензии) која покажува дека од 4 до 28 години може да бидат изгубени кај овие лица. Ние како здравствени работници, како и вие лицата со дијабетес, заедно со институциите треба да работиме заедно да ги вратиме овие години!
Тргнувајќи од вашето долгогодишно емпириско и научно искуство, кои се основните принципи врз кои треба да се темели справувањето со дијабетесот кај секое лице? Каква и колкава е улогата на исхраната, физичката активност, самоконтролата, посветеноста?
Основниот принцип е да се прифати да се живее со дијабетес, колку што е можно побрзо. Ги разбирам родителите на лицата со новооткриен дијабетес дека тоа првовремено е навистина тешко. И да, тешко е, но немаме друг избор – засега. Но, не смееме да чекаме! Треба колку што е побрзо да ја прифатиме новата реалност и да се прилагодиме. Но, не Вие да се прилагодите на дијабетесот, туку треба дијабетесот да го прилагодите на вашите потреби.
Што значи тоа? Ако размислуваме дека дијабетесот е тој што нѐ води, тогаш не би требало да имаме поефективна физичка активност бидејќи може да предизвика хипогликемија или да не јадеме некоја храна како чоколадо или “фаст фуд” (од време на време), бидејќи може да предизвика хипергликемија. Ако, пак, размислуваме дека ние сме тие што го водиме дијабетесот – тогаш во првата ситуација ќе го прилагодиме инсулинот и јаглехидратите за да се избегне хипогликемијата, или пак (во вториот случај) ќе ја прилагодиме дозата на инсулин за таа храна, ќе го провериме шеќерот во крвта 2-3 часа потоа и ќе направиме корекција. Тоа што секогаш го велам е дека животот после појавување на дијабетесот не треба воопшто да се разликува од претходно!
Ако детето играло фудбал или имало други активности пред дијабетесот, истите активности треба да продолжат. Нормална и здрава исхрана, храна која се приготвува за целото семејство. Присутна физичка активност на дневно ниво, со мерење на шеќерот во крвта, односно негово следење со користење на сензор кај секое лице со дијабетес тип 1.
Во овој контекст, а земајќи во предвид дека индивидуалниот пристап е исклучително важен кај третманот на дијабетесот, може ли да проговориме за релацијата доктор – пациент. Покрај вложениот професионален, стручен труд каква улога има емпатијата и сочувството од страна на лекарот кој работи со лица со дијабетес?
Ви благодарам што ја отворате оваа тема, бидејќи сметам дека тоа претставува еден од основните принципи на менаџирањето на дијабетесот од двете страни. Односот пациент – доктор е партнерство кое треба да се развие и негува. Докторот е должен не само да ја препише терапијата, туку треба да биде сигурен дека сите информации кои се дадени на семејството се целосно разбрани.
Да се навратиме повторно околу справувањето со дијабетесот особено низ призмата на сѐ по динамичните научно-технички новитети во третманот и контролата на дијабетесот во светски рамки? Какви се трендовите и кое е вашето гледиште околу можностите за развој во иднина?
Сведоци сме на еден брз развој на технологиите во сферата на дијабетесот во последните 20-тина години. Првиот чекор кон целосно излекување на дијабетесот започна пред 15-тина години кога инсулинската пумпа почна да се “разбира“ (т.е. да комуницира) со гликозниот сензор, па сѐ започна со стопирањето на испораката на инсулин на ниско ниво на гликоза. Потоа сензорот почна да предвидува дека шеќерот ќе се намалува па, следствено на ова, да се прекине со испораката на инсулин пред да настане воопшто хипогликемија, за да во последните неколку години, сите ние сме сведоци на автоматизирана хибридна испорака на инсулин.
Последните научни проекти кои ги реализиравме во Сидра, Катар, покажуваат дека и броењето на јаглехидрати не мора да се практикува за да се постигне идеална гликемиска контрола доколку се користи автоматизирана инсулинска пумпа.
Ни треба уште многу малку време да имаме комплетна автоматизирана испорака на инсулин, со што ќе се решат многу дилеми кај контролата на дијабетес тип 1.
Во истата насока, а според вашите видувања: каде побрзо напредува науката – во терапевтскиот или технолошкиот дел кога станува збор за спроведување на олеснета, а добра контрола кај дијабетесот? Ова прашање им е особено важно на лицата и децата (родителите) со дијабетес тип 1.
Двата дела се подеднакво важни во овој процес. Терапевтскиот дел повеќе се однесува на менаџирање на дијабетес тип 2, додека технолошкиот се однесува на дијабетес тип 1. Но, што е многу важно, новите инсулини кои имаат ултра кратко дејство само ја надополнуваат патеката по која се развиваат инсулинските пумпи.
Со оглед дека изминативе години вашиот професионален ангажман е надвор од државава, може ли да ни ги пренесете своите согледувања по однос на позицијата и третманот на пациентите со дијабетес, каде сме ние во светот?
Според мене, со еден збор – жална е ситуацијата во Македонија. Почнавме многу добро, своевремено ги донесовме најновите пумпи и гликозни сензори во нашата држава, развивме референтен центар за регионот, нашето искуство и практики се користеа не само во регионот туку и пошироко, но од тогаш не е ништо направено. Лицата со дијабетес тип 1 заслужуваат да бидат третирани на достоинствен начин, а тоа е гликозен сензор за секое лице со дијабетес тип 1 без разлика на возраста, со или без инсулинска пумпа, во зависност од индикациите и преферабилноста на пациентот. Македонија може подобро, но само треба да се направи.
За крај дозволете едно прашање кое што колку што е лично, сепак и тоа како тангира многумина не само ваши поранешни пациенти туку и генерално областа на дијабетологијата во нашата земја – имате ли планови за враќање во земјава и продолжување на професионалниот ангажман тука?
Ми го поставувате најтешкото прашање што може да се постави. Одговорот лежи во претпоследното прашање, кое отвара многу дилеми и предизвици. Воопшто не е лесно, особено кога ќе се вратам наназад низ години и што сѐ поминавме заедно со пациентите, родителите, роднините, пријателите и дел од колегите преку поставување на првата инсулинска пумпа во Македонија, преку организирање на камповите за дијабетес во Охрид. Работевме заедно, како една голема фамилија, со цел не само подобрување на гликемиската контрола, туку и подобрување на квалитетот на животот. За жал, моментално не гледам расположение во Македонија да се променат работите на подобро, да се донесат најновите инсулински пумпи и сензори, да се работи сериозно и чесно и да се постигне целта, а тоа е достоинствен живот за лицата со дијабетес. Дали бараме многу?