Во рамки на континуираните програмски активности на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК, особено во сегментот на социјализација, психолошка подршка и едукација на децата со дијабетес тип 1 и нивните родители, вчера, 03 јуни, во Скопје во Коњичкиот клуб Хиподром за нашите најмали “бонбончиња” беше организирана дружба и забава, исполнета и со физички, но и креативни активности.
Покрај базичното запознавање со основите на коњичкиот спорт благодарение на долгогодишните поддржувачи на БАЛАНС МК – Коњичкиот клуб Хиподром, со уште едни пријатели на нашето здружение, г-ѓите Цветанка Бурзевска и Наташа Ивановска од Здружение за гешталт тренинг, психотерапија и психодијагностика – Моди Центар, и двете психолози и терапевти, чија што потесна специјалност е Гешталт арт терапијата, беше реализирана и соодветна креативна работилница за дечињата. Тие имаа можност преку цртање на зададени теми да ги изразат своите интимни социјално-психолошки светогледи и доживувања на себе си, семејствтото и светот околу нив. Дополнително во рамки на работилницата од страна на г-ѓа Бурзевска и г-ѓа Ивановска беа вклучени и родителите кои, пак, имаа можност по желба да разговараат со нив, што е од особена важност за улогата и вклученоста на семејството во справувањето со состојбата – дијабетес мелитус тип 1.
На овој формално-неформален настат, Асоцијацијата за дестки дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК и Здружение за едукација, советување, превенција и грижа на лица со дијабетес СИНА РЕВОЛУЦИЈА – Прилеп, потпишаа Меморандум за соработка.
Се разбира дружбата најмногу мина во веселиот детски џагор и смеа, исполенти со неуморно трчање и игри. Нашите деца го заслужуваат тоа.














