Секој што е (ин)директно поврзан со дијабетесот знае што претставуваат CGM системите или уреди за континуирано следење на гликемијата (Continuous Glucose Monitor). Во светот постојат повеќе типови на вакви системи, а нивната разлика генерално е во тоа која компанија ги произведува и во функциите што овие уреди ги нудат.
Овде ќе се задржиме на краток преглед на CGMs – Dexcom ONE, којшто неодамна стана достапен во нашите соседни земји, односно во Хрватска и Бугарија.
Како уред за континуирано следење на гликемијата, Dexcom ONE ги нуди сите функционалности што ги нуди ваков тип на сензор: постојано следење на гликемијата, аларми при хипо и хипергликемија, трендови на движењето на гликемијата итн. Достапен е за користење за возрасни лица и за деца (возраст 2+).
Dexcom ONE во суштина е сензорот G6 на Dexcom, но со неколку отстранети функционалности, како што се немање опција за дополнителна апликација за следбеник (follower), не нуди поддршката за работење со инсулинска пумпа и нема калибрација на сензорот (што всушност ја елиминира потребата од боцкање на прстите за проверка преку капиларна крв, освен во случај на хипогликемија или хипергликемија).

Системот се состои од сензор и трансмитер кој ги испраќа податоците од сензорот до апликацијата на компатибилен паметен телефон или на ресивер (уред сличен на “ридерот” на Libre). Сензорот се аплицира со фабрички апликатор, доставен заедно со сензорот и сензорот е со трајност до 10 дена. Цената на еден сензор во Хрватска е околу 43 €, а во Бугарија околу 40 €. Dexcom нудат повеќе опции за нарачка, односно почетна нарачка од 3 сензори и трансмитер, со цена од 129 € во Хрватска и 125 € во Бугарија, како и опција за нарачка на само 3 сензори + 10 бесплатни лепенки за сензорот со цена од 129 € во Хрватска и 119 € во Бугарија. (во секој случај, месечниот износ е околу 130 евра, или 1560 евра годишно).
Трансмитерот има важност од 3 месеци, се полни и се користи за повеќе сензори. Се поставува врз сензорот за да може да се испраќаат податоците за движењата на гликемијата од сензорот до апликацијата на телефонот на оддалеченост до 6 метри. цена пак само на трансмитерот е 43 €.
Бидејќи во нашата држава претежно се користат сензорите Libre на Abbott, подолу е дадена табела со мала споредба на двата система:
| Dexcom ONE | Libre 2 | |
| Тип на следење | Континуирано следење | Континуирано следње |
| Времетраење на сензор | 10 дена | 14 дена |
| Фреквенција на ажурирање | на секои 5 минути | постојано |
| Одобрени места на поставување | Абдомен + горна надлактица (+ бут за 2-17 годишна возраст) | Горна надлактица |
| Време на започнување („згревање“) | 2 часа | 1 час |
| Водоотпорност | IP68, до 24 часа на длабочина до 2,4 м | IP67, до 30 минути на длабочина до 1 м |
| Трансмитер | да, одделен трансмитер што треба да се постави врз сензорот, траење 3 месеци | Нема |
| Споделување податоци | ја користи апликацијата Clarity за споделување со здравствени работници, но нема апликација за следбеник (follower) | го користи системот LibreView за споделување со здравствени работници и апликацијата LibreLinkUp за следбеници (follower) |
| Аларми | да, при висока и ниска гликемија | да, при висока и ниска гликемија |
| Предупредувања | нема предикативни (предвилдиви) предупредувања | нема предикативни (предвилдиви) предупредувања |
| MARD | 9,0 % (севкупно) | 9,2 % (кај возрасни) |
| Одобрен за возраст од | 2 години па нагоре | 4 години па нагоре |
Подготвил: Зоран Ѓузелов