Оштетување на нервите од дланикте и стапалата поради дијабетес
Дијабетесот е хронична состојба, и доколку не се превенира во смисол на негово контролирање или правилно регулирање на нивото на гликоза (шеќер) во крвта може многу лесно да доведе до развој на т.н. доцни компликации од дијабетес, односно разни видови други дополнителни органски или системски заболувања. Една од најчестите компликации на нерегулиран дијабетес е дијабетичната невропатија – оштетување на нервите во екстремитетите или уште позната како периферна невропатија. Токму затоа, следејќи ги препораките од најновите стандарди за нега од Американската асоцијација за дијабетес (ADA) ќе презентираме неколку битни работи што може да ги направите за да го зачувате здравјето на вашиот нервен систем.

Нервниот систем поедноставено кажано е центарот за пренесување на командите низ нашето тело. Тој е поврзан со ендокриниот систем (хоромоните), со кардиоваскуларниот систем (срцето и крвните садови) и, се разбира со другите системи. Нервниот систем ги контролира движењата, чувствата за болка и телесните функции како што се обработката на храната, дишењето и сексуално реагирање.
Нервниот систем е составен од мрежа на нерви и нервни клетки што постојано пренесуваат пораки до и од мозокот и ’рбетниот мозок.
Доколку имате дијабетес, постои опасност од неколку различни типови на оштетување на нервите, односно развој на невропатијата. Постојат и други извори за невропатија што не се поврзани со дијабетес, како на пример оние поради предозираност со алкохол, од хемотерапијата за третман на рак или од недостиг на витамини.
Основата на невропатија поврзана со дијабетес
Веројатноста да добиете невропатија поврзана со дијабетес е во блиска корелација со вашата возраст, колку долго имате дијабетес и најважно, колку високи биле нивоата на крвниот шеќер низ годините.
Високите нивоа на гликоза низ подолг временски период може да ги оштетат малите крвни садови што носат хранливи материи и кислород до нервите. Постојано висок крвен притисок и абнормални нивоа на липиди во крвта, како што се LDL-холестеролот и триглицериди, исто така може да придонесат кон невропатија. Веројатноста за невропатија поврзана со дијабетес е повисока доколку имате прекумерна телесна тежина или дебелина, хронично заболување на бубрезите од понапредна фаза, или пак пушите.
Постојат неколку типови невропатија поврзана со дијабетес, што се придружени со разновидни знаци и симптоми.
Оваа статија ги опсервира Стандардите за нега од Американската асоцијација за дијабетес кои што се однесуваат на најчестиот тип оштетување на нервите присутен кај лицата со дијабетес а тоа е – периферната невропатија. Се проценува дека приближно половина од лицата со дијабетес во одредени подоцнежни фази од животот искусуваат периферна невропатија.
Периферна невропатија
Периферната невропатија влијае врз нервите во периферен нервен систем – нервите надвор од мозокот и ’рбетниот мозок. Таа најчесто ги зафаќа дланките, нозете и стапалата, но може да ги зафати и другите делови од телото.
Речиси половина од оштетувањето на периферните нерви настанува без појава на симптоми. Најчестите рани симптоми за периферна невропатија опфаќаат – чувство на горење или скокот, што настанува поради оштетување на малите влакна на нервите. Оштетувањето на поголемите влакна може да предизвика отрпнатост и губење осет.
Една од почестите состојби со кои се соочуваат лицата со дијабетес со развиена невропатија се повредите на стапалата, како последица на намалена сензибилност или осет во долните екстремитети а поради оштетувањето на нервите.
Други типови периферна невропатија
Кај лицата со дијабетес може да се појават и други два помалку чести типови на периферна невропатија.
Фокална невропатија
Оваа патолошка појава претставува оштетување на единичен нерв, најчесто во дланката, раката, главата… Фокалната невропатија најчесто настанува кога некој нерв е притиснат или приклештен (зафатен) на неговиот природен пат или движење низ коските и ткивата. Една позната фокална невропатија е синдромот на карпален тунел, кој ги опфаќа дланките и зглобовите на раката.

Проксимална невропатија
Ова претставува оштетување на некој нерв во колкот, задникот и/или бедрото. Помалку е често, но може да предизвика прилична телесна оневозможеност. Симптомите може да бидат ненадејна со значителна болка во некоја од овие области, придружено со физичка слабост и загуба на рефлексите.
Проксималната невропатија се појавува почесто кај мажите, кај лица постари од 50 години и кај лица со дијабетес тип 2. Симптомите најчесто исчезнуваат постепено низ времето, но може да не исчезнат целосно.
Годишен преглед
Секое лице што има дијабетес тип 1 и дијабетес тип 2 подолго од 5 години, треба да направи годишен преглед за периферна невропатија од страна на доктор специјалист.
Според препораките на ADA и Стандарите за нега на лица со дијабетес, доколку имате симптомите за периферна невропатија, навремено обратете се кај вашиот лекар, без да ја чекате редовната годишна контрола.

Дури и ако не чувствувате некој знак или симптом за периферна невропатија, осигурете се дека вашиот лекар ги врши годишните клинички проверки. Ако не, замолете го да го направи тоа. Ова се смета како Стандард за нега од страна на Американската асоцијација за дијабетес. Како дел од овие клинички проверки, вашиот лекар треба да изврши проценка за недостаток на осет или отрпнатост: преку проверка на температурата на вашата кожа или користење игла за малку да ја боцне (но не да ја продупчи) кожата на нозете, стапалата и рацете; преку употреба на т.н. вилушка за штимање која предизвикува вибрации на кожата; и преку употреба на монофиламент на неколку точки на стапалата или нозете (монофиламент претставува тенка, но цврста нишка од најлон прикачена на пластична основа).
Третман на болката
Кога станува збор за каква било компликација од дијабетес, најдобро важи познатото правило: „подобро е да се спречи, отколку да се лечи“. Периферната невропатија може да се спречи или да се забави со дневни и годишни активности.
Ако имате периферна невропатија, од суштинска важност секако е одржувањето на нивоата на гликоза во здравиот целен опсег. Невропатијата може да предизвика и болка. Во таков случај, справувањето со болката е важно, но може тешко да се постигне со тековните третмани.
Две лекарства одобрени од FDA (Агенцијата за храна и лекови на Америка) тековно се: Lyrica (pregabalin) и Cymbalta (duloxetine). Друго лекарство, Neurontin (gabapentin), е слично на Lyrica, но може да е поскапо. Меѓутоа, gabapentin моментално не е одобрено од FDA за третман на невропатија поврзана со дијабетес. Исто така, постојат и лекарства што содржат lidocaine и capsaicin и што може да се намачкаат на кожата (локално) или да се користат како лепенки за намалување на болката.
Според Американската асоцијација за дијабетес, користењето какво било опојно средство за справување со болка носи опасност од зависност и треба да се избегнува.
Понови третмани за болка што не опфаќаат лекарства
Инаку, од страна токму на FDA неодамна беа одобрени неколку нови, примарно технички базирани третмани за справување со болка (позната и како „нескротлива болка“) предизвикана од периферната невропатија, а што не може да се менаџира преку лекарства или друг третман.
Овие уреди, што се нарекуваат стимулатори на ’рбетниот мозок, вклучуваат системи како што е Intellis и Vanta на Medtronic, и Nevro HFX. Исто така и уредот First Relief („Прво олеснување“), неодамна беше одобрен од FDA.
Од суштинска важност е раното препознавање и соодветниот здравствен менаџмент. Доколку имате какви било знаци или симптоми поврзани со нервите, разговарајте за нив со вашиот лекар што е можно поскоро.
Друга почеста форма на оштетување на нервите, позната како автономна невропатија, може да влијае врз другите телесни функции како што се крвниот притисок и варењето.
Преведено од англиски на македонски: Зоран Ѓузелов