Ако живеете со дијабетес, веројатно имате многу прашања. Веројатно сте се запрашале како сте добиле дијабетес. Може да сте загрижени дека и вашите деца ќе го добијат. Не сте единствените што ги поставуваат овие прашања – тука сме да помогнеме.
Што предизвикува дијабетес?
Дијабетесот тип 1 и тип 2 имаат различни причинители, но постојат два фактори кои се важни и за двата типа. Всушност, се наследува предиспозиција за болеста, а потоа нешто во вашата околина ја активира.
Точно е: гените сами по себе не се доволни. Доказ за тоа се идентичните близнаци. Идентичните близнаци имаат идентични гени. Сепак, ако еден близнак има дијабетес тип 1, другиот може да ја развие болеста во најмногу 50% од случаите. Од друга страна, ако еден близнак има дијабетес тип 2, ризикот за другиот е најмногу во 3 од 4 од случаите.
Дијабетес тип 1
Во повеќето случаи на дијабетес тип 1, луѓето треба да ги наследат факторите на ризик од двајцата родители. Сметаме дека овие фактори се почести кај белите луѓе, бидејќи белите луѓе имаат највисока стапка на дијабетес тип 1.
Бидејќи повеќето луѓе кои се изложени на ризик не добиваат дијабетес, истражувачите работат на тоа да откријат кои се предизвикувачите од околината. Еден од предизвикувачите може да е поврзан со студена клима. Дијабетесот тип 1 почесто се развива во зима отколку во лето и е почест на места со студена клима. Друг предизвикувач може да бидат вирусите. Можно е еден вирус кој има само лесни ефекти врз повеќето луѓе да предизвика дијабетес тип 1 кај други. Исхраната во првите 1000 дена од животот исто така може да игра улога. На пример, дијабетес тип 1 е поредок кај луѓето кои биле доени и кај оние кои првпат јаделе цврста храна на подоцнежна возраст.
Кај многу луѓе, се чини дека развојот на дијабетес тип 1 трае повеќе години. Во експериментите што ги следат роднините на луѓе со дијабетес тип 1, истражувачите откриле дека повеќето од оние кои подоцна заболеле од дијабетес имале одредени автоантитела (“одметнати” антитела што ги напаѓаат сопствените ткива во телото) со години пред да бидат дијагностицирани.
Ризик за вашите деца
Ако сте маж со дијабетес тип 1, шансите вашето дете да развие дијабетес се 1 на 17. Ако сте жена со дијабетес тип 1 и вашето дете е родено пред да наполните 25 години, ризикот за вашето дете е 1 на 25; ако вашето дете е родено откако сте наполниле 25 години, ризикот за вашето дете е 1 од 100.
Ризикот за вашето дете се удвојува ако сте развиле дијабетес пред 11-годишна возраст. Ако и вие и вашиот партнер имате дијабетес тип 1, ризикот е помеѓу 1 од 10 и 1 од 4.
Постои исклучок од овие бројки: околу 1 од секои 7 лица со дијабетес тип 1 има состојба наречена полигландуларен автоимун синдром тип 2. Покрај тоа што имаат дијабетес, овие луѓе имаат и болест на тироидната и надбубрежна жлезда – некои имаат и други нарушувања на имунолошкиот систем. Ако го имате овој синдром, ризикот за вашето дете да го добие синдромот и да развие дијабетес тип 1 е 1 од 2.
Истражувачите сѐ уште учат како да ги предвидат шансите едно лице да добие дијабетес. На пример, повеќето бели луѓе со дијабетес тип 1 имаат гени наречени HLA-DR3 или HLA-DR4, кои се поврзани со автоимуна болест. Ако вие и вашето дете сте бели и ги споделувате овие гени, ризикот за вашето дете е поголем. Сомнителните гени кај другите етнички групи се помалку добро проучени; сепак, научниците веруваат дека генот HLA-DR7 може да ги изложи на ризик Афроамериканците, а генот HLA-DR9 може да ги изложи на ризик Јапонците.
Тестот за антитела може да се направи кај деца кои имаат браќа и сестри со дијабетес тип 1. Овој тест ги мери антителата против инсулинот, островските клетки во панкреасот или ензимот наречен декарбоксилаза на глутаминска киселина (GAD). Високите нивоа може да укажат на тоа дека детето има поголем ризик да развие дијабетес тип 1.
Ако мислите дека вашето дете може да има дијабетес тип 1, контактирајте со вашиот лекар.
Дијабетес тип 2
Дијабетесот тип 2 има посилна врска со семејната историја и наследувањето од типот 1, а студиите на близнаци покажаа дека генетиката игра многу силна улога во развојот на дијабетес тип 2. Расата исто така може да игра улога.
Сепак, и тој зависи од факторите на околината. Начинот на живот, исто така, влијае врз развојот на дијабетес тип 2. Дебелината е обично наследна, а семејствата често имаат слични навики за јадење и физичка активност.
Ако имате семејна историја на дијабетес тип 2, може да биде тешко да откриете дали вашиот дијабетес се должи на фактори од начинот на живот или генетиката. Најверојатно се должи на двете. Сепак, не губете надеж! Истражувањата покажуваат дека е можно да се одложи или спречи дијабетес тип 2 со вежбање и намалување на телесната тежина.