Тим од истражувачи од Универзитетот во Британска Колумбија (UBC – University of British Columbia) кои работат на развој на орални инсулински таблети како замена за дневните инjекции на инсулин, дојдоа до едно многу значајно откритие што може да го смени начинот на третманот на лицата со дијабетес на инсулинска терапија.
Истражувачите открија дека инсулинот од последната верзија на орални таблети, белите лабораториски стаорци го апсорбираат на ист начин како што се вбризгува инсулинот преку инјекции.
„Овие возбудливи резултати покажуваат дека сме на вистинскиот пат во развојот на инсулин при што тој повеќе нема да треба да се инјектира пред секој оброк, туку делувајќи во форма на орална таблета ќе го подобри квалитетот на животот, како и менталното здравје на повеќе од девет милиони лица со дијабетес тип 1 во светот.” вели професорот д-р Анубав Пратап-Синг, главен истражувач од UBC – University of British Columbia.
Тој објаснува дека инспирацијата зад потрагата по инсулин што не се инјектира доаѓа од неговиот татко кој боледува од дијабетес и инјектира инсулин 3-4 пати на ден во последните 15 години.
Според д-р Алберто Балдели, виш соработник во лабораторијата на д-р Пратап-Синг, тие сега гледаат дека скоро 100 проценти од инсулинот од нивните таблети се апсорбира директно во црниот дроб. Во претходните обиди да се развие инсулин во орална форма, најголемиот дел од него се акумулирал во желудникот.
„Дури и два часа по администрацијата, не најдовме инсулин во стомакот на белите лабораториски стаорци што ги тестиравме. Сета количина од оралните инсулински таблети беше во црниот дроб, идеална локација за сместување на инсулинот – тоа е навистина она што сакавме да го видиме“, вели Јигонг Гуо, првиот автор на студијата и кандидат за докторат кој исто така работи на проектот.
Промена на начинот на испорака на инсулинот
Кога станува збор за испорака на инсулин, инјекциите иако засега единствени, не се најудобни или најзгодни за пациентите со дијабетес. Но, со неколку други орални алтернативи на инсулин кои исто така биле тестирани и развиени, тимот на UBC напорно работел за да ја реши и подобри стапката на апсорпција.
Тимот на д-р Пратап-Синг разви различен вид таблета што не е направена за голтање, туку се раствора кога ќе се стави помеѓу непцата и образот. Овој метод ја користи тенката мембрана која се наоѓа во поставата на внатрешниот образ и задниот дел на усните (исто така позната како buccal mucosa). Го доставува целиот инсулин до црниот дроб без да се троши или разградува по патот.
„За инјектиран инсулин обично ни требаат 100 И.Е. по шприц. На други проголтани таблети кои се развиваат и кои одат до желудникот може да им требаат 500 И.Е. инсулин, кој главно се троши низ дигестивните канали и тоа е голем проблем што се обидувавме да го решиме“, вели Јигонг.
Повеќето проголтани инсулински таблети во развој имаат тенденција да ослободуваат инсулин бавно во текот на два до четири часа, додека инсулинот со инјектирање со брзо ослободување може целосно да се ослободи и за 30-120 минути.
„Слично на инсулинската инјекција со брзо дејство, нашата таблета за орална испорака се апсорбира по половина час и може да трае околу два до четири часа“, вели д-р Балдели.
Потенцијални бенефити
Студијата допрва треба да прејде на испитувања на луѓе, а за да се случи ова, д-р Пратап-Синг вели дека ќе им треба повеќе време, финансии и соработници. Но, освен јасните потенцијални придобивки за лицата со дијабетес, тој вели дека таблетата што тие ја развиваат може да биде поодржлива, поисплатлива и попристапна.
„Повеќе од 300 000 Канаѓани треба да инјектираат инсулин повеќе пати на ден“, вели д-р Пратап-Синг. „Треба да се размислува и во насока на создавањето на еколошки отпад од иглите и пластиката од шприцот што можеби нема да се рециклира и да оди во депонија. Тоа нема да биде проблем со оралната таблета“.
Тој објаснува дека нивната надеж е да се намалат и производствените трошоци за инсулин по доза бидејќи нивната орална алтернатива би можела да биде поевтина и полесна за производство. Исто така, транспортот на таблетите би бил полесен и за самите корисници, лицата со дијабетес, кои во моментов треба да размислуваат и на студениот ланец кој треба да го одржат а се до употреба на инсулинските пенкала.
Подготвил
Драган Јованоски
Извор на статијата: https://news.ubc.ca/2022/08/30/ubc-team-developing-oral-insulin-tablet-sees-breakthrough-results/
Извор на истражувањето: https://www.nature.com/articles/s41598-022-13092-6






