Постојано сме сведоци на светскиот тренд на социјалните мрежи за употребата на лекот „Оземпик” со цел – намалување на телесната тежина во екстремно краток период на едноставен начин. Тој тренд е неизбежен и во Македонија, а се повеќе граѓани следејќи ги информациите достапни на социјалните мрежи тргнуваат во потрага по доза повеќе од лекот во аптеките во државата. Но, дали навистина „магичните ефекти“ на лекот се во целост исправни за нашето здравје и за кого всушност е наменет овој лек?
- Да започнеме од тоа што е „Оземпик“ и која е неговата примарна цел, односно за кого првенствено е наменет лекот?
„Оземпик“ е лек одобрен од Американската агенција за храна и лекови, Европската агенција за лекови, а во официјална употреба и во Македонија со решение на Агенција за лекови и медицински средства на Република Македонија – МАЛМЕД, за третман на возрасни лица со дијабетес тип 2, со цел подобрување на гликорегулацијата. Докажано е дека лекот има позитивно влијание врз намалување на нивото на шеќер во крвта, намалување на гликозилираниот хемоглобин HbA1c и превенција на кардиоваскуларни заболувања со значајно намалување на појавата на срцев и мозочен удар кај лица кои се соочуваат со дијабетес тип 2.
- Која е активната супстанца на лекот и како придонесува за успешно регулирање на шеќерот во крвта?
Активната супстанца во „Оземпик“, семаглутид, кој игра улога во организмот како GLP-1 (glucagon-like peptide 1), што во телото се создава како одговор на процесот на јадење и внес на храна. Според фармаколошките својства, главните дејства во однос на регулација на шеќерот во крвта лекот ги дава на 3 таргет ткива и тоа:
1) На ниво на панкреасот ги стимулира бета – клетките за секреција на инсулин, а го инхибира создавањето на глукагон;
2) На ниво на црниот дроб, ги намалува гликогенлитичките процеси (разложувањето на резервниот гликоген) и го намалува ослободувањето на глукоза во крвта;
3) Желудникот и ГИТ со што ја намалува брзината на елиминација на храна и хранливи материи од дигестивниот тракт.
Согласно наведените ефекти, „Оземпик“ игра улога во регулација на нивото на шеќер во крвта, го намалува чувството на глад, го потенцира чувството на ситост, со што се намалува и потребата за внес на храна во подолг временски период, а со тоа дава можност за намалување на телесната тежина.

- Но, што е тоа што лекот го прави недостапен за лица со прекумерна тежина како магично тренд решение, а единствено неопходен за лица со дијабетес?
„Оземпик“ НЕ е регистриран како лек за губење на телесната тежина, а и НЕ Е ИНСУЛИН и НЕ се користи како замена за инсулин!
Лекот не се користи кај лица со дијабетес тип 1, кај кои панкреасот воопшто не создава инсулин, а не се користи ни кај лица со кетоацидоза во развој. Единствено и исклучиво лекот „Оземпик” се користи кај лица со дијабетес тип 2 со предиспозиции за развој на кардиоваскуларни болести како монотерапија (единствен препишан лек) или во комбинација со други лекови како што се оралните антидијабетици, по одобрување од страна на доктор – специјалист и издавање единствено на рецепт.
Лекот се користи според пропишана доза од докторот – специјалист, со почетна количина од 0,25мг, еднаш неделно, во период од 4 недели, по што во консултации со лекарот се одредува понатамошниот тек на терапијата, со цел ефикасно менаџирање на состојбата и превенција на евентуалните несакани ефекти.
- А какви последици може да има лекот, особено кај лица кои немаат дијабетес тип 2?
Тргнувајќи од фактот дека „Оземпик“ не е одобрен лек за третман на обезност, за што се потребни дополнителни тестирања, единствен случај каде употребата на лекот има предности оправдувајќи ги можните несакани дејства е справувањето со дијабетес тип 2.
Вообичаените благи несакани ефекти од нерационалната употреба на лекот вклучуваат: гадење, повраќање, дијареа, стомачни болки, запек, појава на гасови, вртоглавица и замор, и слично.
Но, нерационалната употреба може да доведе до појава и на потешки несакани ефекти како што се:
– хипогликемија или ниско ниво на шеќерот во крвта, која во лесна форма може да се коригира и во домашни услови, но, тешката форма има потреба од итна медицинска помош и може да доведе до трајни последици;
– акутен панкреатитис или воспаление на панкреасот што може да резултира со зголемување на болката и дополнителни компликации во однос на хормоналната улога како кај здрав човек, така и кај лице со дијабетес;
– дијабетична ретинопатија – оштетување на капиларната мрежа на окото и оштетување на видот кое опстојува трајно и го намалува квалитетот на гледање;
– појава на хиперсензитивна реакција и анафилакса – како резултат на алергиска реакција на некоја од компонентите на лекот.
Исто така, при спроведени научни истражувања по прекин на употреба на лекот кај некои лица е забележано зголемување на апетитот, со тоа и внесот на количина на храна, а крајно – повторен повраток на телесната тежина, и/или наружување на гликорегулациските механизми и осцилации на нивото на шеќер во крвта.
Што значи, со единствена цел – рационална употреба и достапност, и спречување на можните негативни ефекти, лекот е достапен во инсулинските аптеки во болничките установи во државата исклучиво по препишување од страна на лекар, специјалист со рецепт, не и во слободна употреба во аптеките низ државата. Со тоа, единствена индикација и соодветна употреба на лекот е третман на дијабетес мелитус тип 2, а согласно тоа лицата кои се соочуваат со прекумерна тежина не треба да посегнуваат по лекот, особено не без препорака на лекар. Дополнително неговото нерационално користење со купување од соседните земји каде лекот е достапен за слободна набавка од аптеките по релативно достапна цена, а најмалку од непроверени и небезбедни извори, за што во последниот период посочија и лекарите во Македонија, може да доведе до трајни штетни последици по сопственото здравје. Затоа за секоја можна индикација консултирајте со Вашиот лекар и единствено со негово одобрување посегнете по лекот.
Пишува: Душко Јанев