Новата генерација на поврзани уреди за испорака на инсулин може, и ни помага, да се поедностави нашата секојдневна рутина во насока на подобро менаџирање на дијабетесот и постигнување на подобра гликемиска контрола.
Паметното инсулинско пенкало е со инјектор за повеќекратна употреба, со интуитивна апликација за паметни телефони што може да им помогне на луѓето со дијабетес подобро да управуваат со испораката на инсулин. Овој паметен систем пресметува и следи дози и е во состојба да испраќа нотификации, предупредувања и извештаи. Инсулинските пенкала можат да се најдат во форма како додаток на стандардното инсулинско пенкало или во форма како она за повеќекратна употреба кое користи претходно наполнети патрони наместо ампули или пенкала за еднократна употреба.
Зошто паметните инсулински пенкала денес се толку многу барани на “пазарот на лица со дијабетес”? Бидејќи тие се обично подостапни од инсулинските пумпи на пример, лесни се за употреба и нудат многу придобивки и подобрувања за луѓето при управување со нивната состојба, а кои зависат од егзоген инсулин.
Како технологијата ви помага да го менаџирате вашиот дијабетес?
Најголемите предизвици за многу корисници на инсулинско пенкало, кои најчесто се на интензивирана (базал -болус) инсулинска терапија се:
- Количина на доза: Колку да се инјектира?
- Време на доза: Кога да се инјектира?
- Квалитет на инсулин: Рок на траење, температура и услови за складирање.
Многу луѓе со дијабетес имаат потешкотии правилно да ги пресметаат единиците на инсулин. Ова би можело да резултира со т.н. “натрупување на инсулинот”, а настанува кога ќе додадете повеќе инсулин додека преостанатиот инсулин е сè уште активен од претходните дози – што може да доведе до хипогликемија (ниски вредности на шеќерот во крвта).
Што паметното инсулинско пенкало може да направи за нас?
- Да ја пресмета секоја доза врз основа на моменталното ниво на гликоза во крвта, количините на јаглехидрати, големината на оброците, активниот инсулин и поставките што ги препишал вашиот лекар.
- Можност за точни дози, па и од половина единица.
- Ви помага да спречите прескокнати или пропуштени дози.
- Ја прави математиката наместо вас кога ќе собере доволно информации како да дозира за оброк или да го коригира нивото на високи вредности на гликоза во крвта.
- Го следи времето и количината на секоја доза и ве потсетува кога е време за следната.
- Ве известува кога на вашиот инсулин му истекол рокот на употреба или го надминал температурниот опсег, за да можете да го замените инсулинскиот патрон навремено.
- Има можност да испраќа податоци за вашата состојба до вашиот тим кој се грижи за вашата состојба секогаш кога е потребно.
- Се поврзува и работи со вашиот паметен телефон или часовник, како и со сите популарни платформи за следење на податоци за дијабетес.
Дали сте фрустрирани од броењето јаглехидрати? Некои паметни пенкала можат да понудат различни режими на терапија со калкулатор за дози, вклучително и за оние со фиксни дози со лизгачка скала или дози на оброци засновани на големината и времето на оброкот.
Паметното пенкало ни обезбедува многу од карактеристиките на инсулинската пумпа, а со многу помали финансиски издатоци.
Дали треба и јас да имам едно вакво, паметно инсулинско пенкало?
Луѓето со дијабетес тип 1 или тип 2 на повеќекратни дневни инјекции на инсулин со долго или кратко дејство може да имаат корист од паметното инсулинско пенкало. Ако користите инсулинска пумпа, може да размислите за инсулинско пенкало како резервна опција за испорака.
На странскиот пазар сега се достапни неколку видови на паметни инсулински пенкала, а повеќе се во развој. До овој момент сеуште нема на македонскиот пазар, но да бидеме оптимисти.
Според повеќето корисници, ако претходно сте користеле инсулинско пенкало или пумпа, не би требало да имате проблем да се прилагодите на паметното пенкало. Ако понекогаш ви е тешко да се навикнете на новата технологија, можете да побарате помош од вашиот тим за котрола на дијабетесот, или пак од групите за поддршка на интернет.
Малку историја: како инсулинските пенкала станаа паметни?
Првите “специјализирани уреди” – инсулински пенкала беа воведени како помагала во третманот на дијабетесот во доцните 1980-ти, а како алтернатива на ампулите и шприцевите. Тие овозможија попрецизно дозирање, подобро прилепување и помала болка на местото на инјектирање.
Како што овие уреди еволуираа, тие добија дигитални дисплеи и меморија за приказ на последните дози на инсулин. На крајот, беа развиени т.н. „капачиња“ или додатоци, се со цел да им помогнат на пенкалата за еднократна употреба подобро да ги следат дозите. Потоа следеа сензори за континуирано следење на гликозата, време на дозирање, потсетници и други достигнувања. Првото паметно инсулинско пенкало за повеќекратна употреба е одобрено од страна на Агенцијата за храна и лекови (ФДА) кое беше лансирано во 2017 година.
Паметните пенкала се дизајнирани да бидат едноставни за користење. Откако ќе ја преземете апликацијата на вашиот паметен телефон и ќе ја “спарите” со пенкалото, веќе сте подготвени за употреба на паметното инсулинско пенкало. Уредот, пенкалото испраќа податоци во реално време до апликацијата преку Bluetooth конекција.
Драган Јованоски