Поврзаните инсулински пенкала (исто така познати и како Smart insulin pens) се пенкала за инјектирање кои користат заменливи инсулински кертриџи и „паметат“ односно снимаат колку инсулин инјектирате и, кога го инјектирате. Овие податоци може да се испратат до апликација на мобилен телефон и можат да помогнат во поедноставување на управување со дијабетесот, особено ако имате тип 1 (Т1Д).

Генерално, повеќето лица со Т1Д се на интензивирана инсулинска терапија или базал-болус режим, познат и како третман со повеќекратни дневни инјекции (MDI – Multiple daily injection). Овие лица со дијабетес најчесто користат пенкала за инјектирања на инсулин кои имаат еднократна употреба (не се дополнуваат со кертриџи), наместо шприцеви како што се користеле и не така одамна.
За среќа, револуционерната технологија не работи само во корист на корисниците на инсулински пумпи. За корисниците на MDI инсулинска терапија, Smart инсулинското пенкало може значително да го олесни третманот, да ја подобри гликемиската контрола а, со тоа да го олесни и животот на лицата со дијабетес.

Што е „Smart“ односно поврзано инсулинско пенкало?
„Smart“ пенкало за инсулин е пенкало за инјектирање и повеќекратна употреба кое евидентира колку инсулин инјектирате и кога го инјектирате. Податоците кое ова паметно пенкало ги памети можат да помогнат во поедноставување на управувањето со дијабетесот. Некои поврзани системи со пенкала доаѓаат како дел од систем што вклучува апликација и сензор, додека други се интегрираат со сензор и апликација од трета страна.
Сите поврзани системи со пенкала нудат можност за:
- прикажување на податоци за да се овозможат попрецизни пресметки на дозите преку калкулатор за болус и на тој начин да се олесни менталниот товар (опција која ја нудат и инсилинските пумпи),
- избегнување пропуштени дози,
- избегнување прекумерна доза за корекција на високите нивоа на гликоза.

Како функционира Smart инсулинското пенкало?
Овие пенкала ги користат истите опции за инсулин како и обичните инсулински пенкала и може да се користат без поврзување со апликација – како обичните пенкала за инсулин. Но, сите придобивки доаѓаат со нивно поврзување со апликација на мобилен телефон. Воедно, ја нудат и можноста за микродозирање – 0,5 инсулинска единица, она што за жал и покрај огромната потреба на педијатриските пациенти, децата со дијабетес во Македонија, е недостапно.
Ако Smart инсулинското пенкало е интегрирано со Glooko, xDrip+ или InPen мобилните апликации, можете да прикачувате податоци од вашиот континуиран монитор за гликоза (CGM). Ова значи дека во секое време може да се направи увид во податоците за дозирање на инсулинските единици заедно со податоците за глукоза прикачени на апликацијата. Со користење на овие информации а, зедно со болус калукулаторот, многу полесно се подобрува гликемиската контрола нудејќи прегледност за времето на движењето на глукозата во посакуваниот опсег – TIR (time in range) или новото А1ц.
Овие податоци исто така може да обезбедат подобар увид на медицинските работници, па заедно да ги корегирате проблемите на пример со постпрандијалните, ноќните или утринските високи или ниски нивоа на шеќер во крвта.
Какви Smart инсулински пенкала постојат?
Како кај нас така и во светот, фармацевтските компании генерално, не смеат директно да се рекламираат на корисниците. Но, благодарение на глобалната интернет мрежа и достапноста на информации кои ги нуди, ова се опциите на паметни инсулинки пенкала кои кај нас не се достапни, а се користат низ светот:
- NovoPen 6 и NovoPen Echo Plus за корисници на инсулин NovoRapid, Fiasp, Levemir, NovoMix 30 или Tresiba во кертриџи од 3 ml. Овие пенкала се компатибилни со разни апликации од трети страни, како што се апликациите Glooko, xDrip+, LibreLinк, Dexcom. Секоја апликација нуди различни функции кога се користи со поврзано пенкало.

- InPen ако користите Humalog®, Lyumjev®, NovoRapid®, Fiasp® и NovoLog® инсулин во кертриџи од 3 ml. Ова пенкало е компатибилно со InPen, Glooko и xDrip+ апликациите за мобилен телефон.

Прилог: Корисни видеа за Smart инсулински пенкала
Пишувa:
Наташа Деспотовска Димитриевска