Неоснована негативна проценка, предрасуди и стереотипи со кои лицата со дијабетес можат да се соочат од страна на други лица често, не само во стручната литература ами и во секојдневието ја ословуваме како стигма за дијабетес. Неа, стигмата, ја среќаваме во многу и различни форми. На пример, подложност на негативни или навредливи коментари, потоа митови и заблуди за тоа што претставува дијабетесот и што го предизвикува, или може да биде негативно однесување кон оние лица што живеат со оваа состојба.
Без оглед на изворот, стигмата може да има сериозно влијание врз целокупното здравје и благосостојбата на луѓето. Особено кога знаеме дека дијабетесот може да биде немилосрден, а борбата со стигмата згора на сево ова, да го направи уште потешко справувањето со оваа состојба.
Премногу се лицата кои живеат со дијабетес и се соочуваат со стигма за нивната состојба дури и денес, во 21-от век. Според некои истражувања, 89% од лицата со дијабетес наишле на митови и заблуди за нивната состојба, без оглед на тоа за кој тип на дијабетес станува збор. За жал, 80% од луѓето доживеале негативни ставови од околината, па дури и од за нив, блиски луѓе, поради оваа хронична состојба.
Влијанието на стигмата
Емпириски, стигмата и денес е причина за раскинување на врските, чување во тајност од блиското семејство за состојбата со која живее партнерот, па дури и наметнато чувство дека појавата на дијабетес е по лична, сопствена вина.
Многумина од лицата со дијабетес доживуваат стигма во сите сфери на животот – на работа, од пријателите и семејството, на ТВ и во филмови и весници, за време на состаноци со лекари и други здравствени работници, па дури и од други луѓе кои живеат со оваа состојба.
Иако можеби не се секогаш намерни, лицата со дијабетес се изјасниле дека немилосрдноста на честите мали, но навредливи коментари, станува исцрпувачка. За жал, многу од нив доживуваат интернализиран срам, чувствувајќи дека дијабетесот е нивна вина. Постојаното очекување дека оние кои живеат со дијабетес треба да бидат одговорни за едукација на другите за нивната состојба, влијае на нивната благосостојба. Исто така, голем дел од нив се третирани како да се различни – или изоставени, затоа што живеат со дијабетес. Навистина загрижувачки е тоа што оние луѓе кои имаат негативни ставови или верувања поврзани со дијабетесот изјавиле дека избегнувале лекарски прегледи поради стигмата.
Негативни претпоставки за дијабетес
Ова се најчестите негативни претпоставки со кои луѓето се сретнуваат:
- 33% од нив биле опкружени со луѓе кои коментирале за тоа што веруваат дека можете или не можете да правите кога живеете со дијабетес
- 30% изјавиле дека се постојано испрашувани за нивната состојба
- 27% чувствуваат одговорност за едукација на другите
- 24% изјавиле дека пријателите, семејството и соработниците или премногу сензационализираат или целосно ја игнорираат нивната состојба.

Што можеме да направиме за да се справиме со стигмата?
Првиот чекор е да се едуцираме. Треба да зборуваме повеќе за тоа како дијабетесот е сложена и сериозна состојба. Дијабетесот тип 1 и тип 2 се водени од комплексна мешавина на генетски и еколошки фактори, од кои многу сè уште не ги разбираме целосно и над кои едно лице може да има мала или никаква контрола. Потоа можеме да почнеме да ги предизвикуваме разговорите кои претерано поедноставуваат што е дијабетес и како е предизвикан, за да започнеме општествена промена.
Исто така, треба да разбереме како можеме да ги поддржиме луѓето кои живеат со и се изложени на ризик од дијабетес кои доживуваат стигма. Потребно е и да работиме со нив и нивните пријатели, семејство и колеги за да се чувствуваат поотпорни и способни да ги оспорат негативните ставови и заблуди со кои се соочуваат.
Заблудите околу дијабетесот се длабоко вкоренети низ општеството. Знаеме дека не постои брз начин за решавање на стигмата поврзана со дијабетес. Затоа е потребно да направиме повеќе истражувања за подобро да ја разбереме стигмата што ја доживуваат луѓето со дијабетес и да идентификуваме стратегии за намалување или спречување на истата.
Превод и адаптација: Тања Шатановска
Извор: https://www.diabetes.org.uk/about-us/news-and-views/how-were-working-tackle-diabetes-stigma